„Од февруари 2022 година, кинеските државни медиуми заземаа јасна и доследна позиција: поддршка за Кремљ, дефлектирање на вината од Русија и поткопување на западната поддршка за Украина.
Уште од самиот почеток на војната, обемот и намерата на кинеската кампања на дезинформации беа недвосмислени. Според еден извештај на „Репортери без граници“, лажна вест што ја пласираше кинеската државна телевизија ЦЦТВ (CCTV) пред крајот на февруари 2022 година, дека украинскиот претседател Володимир Зеленски избегал од Кијив, била прегледана повеќе од 510 милиони пати на кинеската платформа Веибо и пренесена од 163 медиуми низ земјата. Ова не беше изолиран инцидент, туку координирана масовна дистрибуција на руска дезинформација.
Медиуми како ЦГТН, Синхуа и Глобал Тајмс (CGTN, Xinhua, Global Times) уште на самиот почеток станаа постојани амплификатори на најтоксичните наративи на Кремљ:
- НАТО е виновен за војната;
- Украина ја водат неонацисти;
- Русија само се брани од западната агресија.
Меѓу многуте невистини што ги шират кинеските државни медиуми е и неоснованото тврдење дека САД развивале биолошко оружје во Украина. Оваа фабрикација, создадена во Москва, доби глобална видливост главно благодарение на огромните и координирани информациски мрежи на Кина.
Овие пораки не се ограничени само на домашната публика. Кинеските наративи се емитуваат на меѓународно ниво, на повеќе јазици, насочени кон гледачи во Југоисточна Азија, Африка, Латинска Америка, Балканот и делови од Европа – региони каде што кинеското влијание се шири преку инфраструктурни проекти, партнерства со државни медиуми и дипломатијата на „мека моќ“. Но, таа дипломатија е, всушност, димна завеса.
Тоа е „мека моќ“ што ѝ претходи на жестоката авторитарна контрола. Тоа е дипломатија што ѝ претходи на агресијата.“, пишува Џабир Дерала во анализата „Кинеската не толку „мека моќ“: Тивкиот партнер во војната на Путин“, во која ја деконструира нарацијата за „меката моќ“ на Кина и го разобличува нејзиниот вистински ангажман во глобалната хибридна војна. Анализата фрла светлина врз стратешките, економските и пропагандните врски меѓу Кина и Русија и алармира за опасностите што тие ги претставуваат за светскиот мир и демократија.
Кинеската не толку „мека моќ“: Тивкиот партнер во војната на Путин