„Работела без дозвола, а превезувала деца и туристи: Кој ќе одговара за жичарницата на Водно?“
„Колку трагедии уште треба да ни се случат, за да ни ги отворат очите и да станеме свесни дека некои работи не се за импровизација„?!?
„Учиме ли навистина да превенираме, или само залечуваме последици, коишто во многу наврати се неизлечиви“?
Овие прашања ги постави претседателката на ЛДП, Моника Зајкова во објава на Фејсбук и побара кривична одговорност од раководството на ЈСП во, како што вели, најновата тажна приказна – Жичарницата на Водно – со месеци била опасна за патниците. Синдикатот на ЈСП јасно предупредува: жичарницата работела без дозвола и не смеела да превезува луѓе.
Колку скопјани (возрасни, деца), колку туристи биле изложени на ризик по својот живот во овие месеци?!? Јас лично го носев мојот пет годишен внук до врв на Водно со истата, вели Зајкова.
Морници ме лазат од помислата што се можело да се случи на секој од нас, додава таа.
Во објавата Зајкова прашува колку пати мораме да бидеме сведоци на неизмерна штета, па и човечки животи, за конечно да сфатиме дека мораме да ја поставиме безбедноста на прво место? Колку нови трагедии треба да ни покажат дека стандардите не се луксуз, туку се поставени заради безбедност и заштита?
Таа нагласува дека секоја жичарница мора да минува годишен технички преглед + вонредни инспекции пред секоја сезона. Инспекциите мора да ги вршат независни тела (не само ЈСП или тој што ги стопанисува), а извештаите да бидат јавни и достапни.
Зајкова апелира да се воведат современи сензори за вибрации, опуштеност и странични движења кои автоматски го стопираат системот при ризик (како што е пракса во Австрија, Швајцарија и Германија). Овие технологии спречуваат катастрофи уште пред да настанат.
Претседателката на ЛДП побара кривична одговорност за раководството во случај на исклучучени безбедносни уреди, дозволување или игнорирање на функционалните несигурности или работење без дозвола.
Ние не сме статистика. Сме луѓе. И не мора да ја плаќаме цената со живот заради импровизации и неспособност, нагласува Зајкова.
М. Д.