Вчера, во главниот град на Унгарија, десетици илјади граѓани протестираа против политиките на Владата на Виктор Орбан, за ограничување на академската слобода и против негативната кампања кон граѓанските здруженија.
Протестот официјално завршил на главниот плоштад во Будимпешта, каде дошло и до судир на дел од демонстрантите со полициските службеници, кои го блокирале патот до седиштето на „Фидес“, партијата на премиерот Виктор Орбан.
Последните измени на Законот за високо образование во Унгарија се напад врз Централно-европскиот универзитет, основан од Американецот со унгарско потекло, филантропот Џорџ Сорос.
ЦЕУ е регистриран во Унгарија и во државата Њујорк, но американски кампус не постои, а токму тоа е еден од задолжителните услови, утврдени со новиот закон, потпишан во понеделникот.
Во изминатите неколку недели се одржаа неколку големи протести во знак на поддршка за ЦЕУ, а своја поддршка изразија и стотици унгарски и странски академици.
Стејт департментот на САД ја повика Владата на Унгарија да го суспендира законот. Портпаролот на унгарската Влада, Золтан Ковач рече дека законот не може да биде суспендиран, но дека Владата е отворена за одржување разговори околу ова прашање.