Дипломатските иницијативи за прекин на војната во Украина јавноста во Северна Македонија ги перцепира со доза на сомнеж дека нешто ќе постигнат и ќе донесат траен мир за Украиниците. Реакциите на граѓаните на ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Што мислите за дипломатските напори поврзани со Украина? на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ откриваат различни перспективи – од силна критика до поддршка за украинската борба.
„Украинците покажаа невидена храброст“
Читателите изразуваат силна поддршка за украинскиот народ. Според нив, и покрај уништувањата, киднапирањето деца и раселувањето на милиони, Украинците покажале „невидена храброст“ и заслужуваат почит. За нив, дипломатските преговори што подразбираат откажување од територии би биле неправедна награда за агресорот.
Договор меѓу Русија и САД
Но, дел од коментарите сугерираат дека исходот на војната е одамна договорен „меѓу Русија и САД“, а дипломатските напори се само формалност. Според овие ставови, кризата би можела да трае уште со години, без вистинско решение.
„Зеленски ја води Украина во хаос“
Дел од коментаторите сметаат дека украинскиот претседател Володимир Зеленски ја довел државата во „тотален хаос“ и дека неговите политики резултирале со „губење на млади животи и делови од територијата“. Западната поддршка, пак, ја оценуваат како „евтина пропаганда“ која не може да ја порази Русија.
Виновни се САД
Некои граѓани ја насочуваат вината кон американската политика. Иако војната започна за време на администрацијата на Џо Бајден, дел од коментарите бараат одговорност и од Доналд Трамп, бидејќи, како што велат, „секој кандидат знае што го чека ако стане претседател“.
Реакциите покажуваат дека дипломатските напори се доживуваат повеќе како „капитулација“ отколку како вистинска шанса за мир. За едни, тоа е пат кон крај на страдањата; за други, неправеден компромис што ја легитимира руската агресија врз Украина.
Б. Ј.