Утре, со почеток во 20:16 часот ќе се одржи протестен собир на плоштадот во Скопје, за оддавање заедничко сеќавање за загинатите по повод шест месеци од трагедија во кочанската дискотека „Пулс“, соопштија на социјалните мрежи активистите од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентското пленумско движење, објави Нова.
Од „Кој е следен?“ на социјалната мрежа Инстаграм за утре во 21:16 часот повикаа на тивок собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје.
View this post on Instagram
Не беше несреќа, не беше трагедија. Беше масакр. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да се откажеме од борбата за вистината. Кога ќе се соочиме со неправда, да проговориме. Сите треба да истапиме и да бидеме одговорни, на свој начин. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани, пишува на повикот за собирот од иницијативата.
Студентското пленумско движење повика со ѕвездено небо и молк да се оддаде почит на загинатите млади животи.
„Кој е следен“ два дена по несреќата, на 18 март, го одржа првиот протестен собир во главниот град, а протестни маршови имаше во текот на целиот месец. Во мај со герила-акција пред Јавното обвинителство во Скопје го одбележаа вториот месец од несреќата.
Поддршка со присуство имаа и на „Маршот на ангелите“ во Кочани, на кој секоја сабота родителите и членовите на семејствата на загинатите бараат правда и одговорност за несреќата.
За потсетување, на 18 август од Основниот кривичен суд Скопје, кој со одлука на Врховниот суд, ја презеде надлежноста за предметот обвинението за пожарот во кабаре „Пулс“ во Кочани сè уште не е оценето од Советот за оцена на обвинителен акт, бидејќи станува збор за обемен предмет за кој и понатаму течат роковите во рамките на оваа постапка.