Проевропската партија на молдавската претседателка Маја Санду презеде силно водство на парламентарните избори кои се сметаат за критични за идниот пат на нејзината земја кон ЕУ, пренесува Би-би-си.
Санду, која предупреди на „масовно руско мешање“ по гласањето во неделата, рече дека иднината на нејзината земја, опкружена со Украина и Романија, е во прашање.
Со речиси 90% од преброените 1,6 милиони гласови, Партијата за акција и солидарност (ПАС) на Санду освои 47,6%, што е далеку пред прорускиот Патриотски изборен блок со помалку од 26%. Излезноста беше над 52%, повисока отколку во последните години.
Еден од главните опозициски лидери, Игор Додон, прогласи победа пред да почнат да излегуваат резултатите и повика на протести пред парламентот во понеделник.
Д. Мишев