Формирањето семејство, формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност. Многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски на настанот Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал преку петгодишната програма на Владата и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).
– Според последниот попис сме нешто над 1,8 милиони жители. Имаме над 700.000 редовно вработени и околу 350.000 пензионери. Реално присутно население според сите проценки не надминува 1,5 милиони. Можеби ова во следните 10-15 години ќе биде предизвик, но не со таа брзина ќе го почуствуваме сите. За 20 до 25 години тоа што ќе им го оставиме на тие генерации по нас ќе биде сериозен предизвик. Зошто? Зашто тогаш се плашам дека ќе бидеме држава со под еден милион жители и тогаш ќе имаме на еден пензионер, еден вработен. Тоа значи колапс за пензискиот фонд, тоа значи колапс за здравствениот фонд, рече Мицкоски.
Според него, секој оној кој не разбира колку е ова сериозно не и мисли добро на државата.
-Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат нека ме нарекуваат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади, а тоа се многудетните семејства. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. За тоа јас би сакал до сите македонски граѓани да упатам јасна порака формирањето семејство, а формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката припадност, на верската припадност, многудетното семејство значи иднина. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава, богата држава која ќе се развива и по нас тогаш семејството е одговорот на овој предизвик, рече Мицкоски.
Упати благодарност до ОН, до УНФПА и до нивната канцеларија во Скопје за континуираната поддршка, соработка и визија. – Она што денеска го промовираме е петгодипна програма што ќе ја спроведуваат Владата и УНФПА. Оваа програма е план за дејствување, визија и стратегија, која ќе се реализира со конкретни активности насочени кон иднината на напшара држава и нашите граѓани, рече премиерот.
Оваа програма, како што нагласи, е потврда дека не сме сами, дека имаме пријатели и партнери во светот, но и дека одговорноста е на сите нас да ги сочуваме нашите луѓе, да ги поддржиме младите, да го сочуваме семејството и да ја обезбедиме иднината на Македонија.
Мицкоски потенцираше дека најважниот ресурс на едно општество се луѓето. Демографската рецесија, како што кажа, не е нов феномен и трае повеќе од 70 години. Од 1950 година бројот на новородени деца постојано опаѓа.
-Во 1950-тата имало над 50.000 новородени бебиња, во 2024 година имаме само околу 16.000. Овој пад има две главни причини: прво, иселувањето на младите луѓе и второ, намалениот наталитет и фертилитет. Владата е свесна за сериозноста на ова прашање и веќе работи на неколку линии. Создадовме највисок економски раст на Балканот- тоа значи нови работни места, поголеми плати и поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата: шест бесплатни обиди за ин витро оплодување, со забрзана процедура, сето тоа на товар на Фондот, зголемивме од три на шест. Бесплатни учебници за учениците- затоа што образованието е темел на демографскиот раст. Нови градинки во повеќе градови- за да им помогнеме на родителите. Поддршка за мајките, за децата и за семејствата, преку нови социјални и економски мерки, рече Мицкоски.
Со овој проблем се соочува целата Европа и пошироко САД, Канада, Австралија, Источна Азија. Она што е симптоматично, вели тој, е дека дури и најразвиените и најбогатите земји се најмногу погодени.
Директорката на УНФПА за регионот на Источна Европа и Централна Азија,Флоренс Бауер, зборуваше за заедничката петгодишна глобална програма и за тоа кои се приоритетите – репродуктивното здравје и демографската отпорност.
– Како што кажа премиерот сите земји во светот се соочуваат со демографски промени. Земјите се соочуваат со слични проблеми како Северна Македонија со стапкаа на плодност кои се намалува во некои земји и миграција, а сите земји се соочуваат и со стареење на населението, рече Бауер.
Северна Македонија, рече таа, е прва од регионот што ја започнува оваа програма и ова е земја која што демографската отпорност ја одреди како еден од своите главни приоритети.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани истакна демографијата не е само бројка, таа е животот кој се одвива во нашите семејства нашите училишта и заедници.
– Таа е приказна за младите кои сонуваат, за росителите кои создаваат, за постарите кои даваат мудрост на сите нас. Со новата петгодишна програма влегуваме во ново поглавје. Нашата цел е едноставна, но голема, да инвестираме во луѓето во нивниот потенцијал и во нивната иднина. Да ги поддржиме младите за да имаат шанса да учат, да работат и да успеваат тука. Да ги охрабриме оние што заминале да се вратат, за да донесат знаење, идеи и нова енергија во нашата земја, да ги зајакнеме семејствата бидејќи тие се коренот на секое здраво и стабилно општество. Да создаваме услови во кои секое дете, без исклучок, ќе има еднакви можности за раст и развој во нашата земја, рече Лимани.
Министерот потенцира дека оваа визија не може да се реализира ако не делуваме заедно.
– Многу е важно кога државните институции, локалните самоуправи, граѓанските организации и бизнис заедницата работат како едно за да може да ја претвориме програмата во реалност, рече Лимани.
Постојаната координаторка на ОН во Северна Македонија, Рита Колумбија рече дека Владата и покрај набиената агенда, покажува колку сериозно се сфаќа прашањето на демографска отпорност.
ОН заедно со Владата и сите чинители заедно развиваат нова рамка за одржлив развој и за соработка со ОН за пет години почнувајќи од наредната. Неодамна Владата ја усвои и беше потпишана од Министерот за надворешни работи.
Оваа рамка за соработка е наш колективен план и патоказ. Ги наведува експертизите и ресурсите кои се директно вградени во националната агенда и се грижат ОН да даваат поддршка која што ќе резултира со опипливи резултати. Рамката која денес ја промовираме го преточува сето ова во делување. Не е само иницијатива или програма, туку е витална компонента на пошироката рамка за соработка. Начинот на кој е осмислена се грижи нашите колективни напори за динамиката на населението репродуктивното здравје, вклучително здравјето на семејствата и на жените, еднакви можности за жените и за младите, сево ова да придонесе кон пошироките цели кои сите ги споделуваме, рече Колумбија.
На настанот зборуваше и министерот за транспорт Александар Николоски кој рече дека ова е тема број еден и која е прашање на животни одлуки, стил на живот и културолошки проблем. Посочи на низа мерки што ги презема Владата.
– Многу значајно за секоја брачна двојка е да обезбеди пристојни услови за живот во делот за изградба на куќа или купување стан и решавање на станбеното прашање. Во таа насока мислам дека изградбата на куќи е нешто што треба да го стимулираме во иднина. Во таа насока со општините работиме на активна програма за урбанизирање на делови каде може по прифатливи услови да се градат куќи. Како и за намалување или ослободување од надоместокот за комуналии, кои треба да помогнат што повеќе луѓе да се мотивирани за пониска цена да можат да го изградат својот дом, рече Николоски.
Министерот посочи на инвестициите во локалните самоуправи – училишта, патишта, управување со отпадни води, поврзувањето односно градење патишта за создавање добри услови за живот за луѓето да останат да живеат во своите домови.
ФОТО: Влада/Принтскрин