Итни прекини на електричната енергија беа воведени во „сите области на Украина“ поради уште еден масовен руски напад со ракети и беспилотни летала извршен преку ноќ, насочен кон енергетската инфраструктура, соопшти државниот оператор на енергетска мрежа Укренерго на 30 октомври, пренесува Кијив Индипендент.
„Кога електричната енергија е достапна според распоредот, ве молиме користете ја штедливо“, соопшти Укренерго.
Руските сили нападнаа повеќе термоцентрали во различни региони на Украина, соопшти ДТЕК, најголемата приватна енергетска компанија во Украина.
„Нападите предизвикаа пожари во објектите и резултираа со оштетување на опремата на електраните. По нападите, енергетските работници веднаш започнаа со операции за проценка на штетите и санирање“, соопшти ДТЕК.
Според ДТЕК, ова е трет голем напад врз термоцентралите на компанијата за еден месец. Тројца енергетски работници беа повредени во претходните напади.
Во текот на ноќта беа издадени предупредувања за воздушен напад низ целата земја, а Воздухопловните сили на Украина ги следеа беспилотните летала од типот Шахед, крстосувачките и балистичките ракети, како и хиперсоничните ракети Кинжал.
Во Запаришката област, станбени згради беа оштетени, а 17 лица, меѓу кои и седум деца, беа повредени како резултат на рускиот напад во текот на ноќта, објави гувернерот Иван Федоров.
Во Виничката област, пет лица беа повредени, меѓу кои и седумгодишно дете, според локалните власти. Исто така, оштетена е и критична инфраструктура, станбени згради и возила.
Триесетишегодишна жена е повредена во Бориспиљ, Кијивска област, како резултат на нападот со беспилотно летало, објавија локалните власти, додавајќи дека избувнал пожар во куќа, а оштетени се и станбени згради.
Експлозии беа пријавени и во областите Хмелницки, Лвив и Ивано-Франкивск, далеку од линиите на фронтот во западна Украина.
Во Лвивската област, оштетени се два објекти на енергетската инфраструктура, објави гувернерот Максим Козицки.
Воздушната одбрана беше активна во градот Ивано-Франкивск, објави градоначалникот Руслан Марцинкив, додавајќи дека може да има прекини во снабдувањето со електрична енергија поради руските напади врз енергетската инфраструктура.
Русија редовно ги напаѓа украинските градови и критичната инфраструктура во напади со беспилотни летала и ракети, додека Москва продолжува да ја води својата војна против Украина.
Д. Мишев












