Руски шпионски брод влезе во британските води и насочи ласери кон воените пилоти, изјави британскиот министер за одбрана Џон Хили во средата, предупредувајќи дека земјата се соочува со „нова ера на закана“ од непријателски актери. пренесува Си-ен-ен.
За време на говорот во Лондон, Хили рече дека шпионскиот брод Јантар моментално е на работ на британските води, северно од Шкотска, и дека бродот е дизајниран за „собирање разузнавачки информации и мапирање на подводните кабли на Велика Британија“.
Тој рече дека воен авион Посејдон-8 на Кралските воздухопловни сили (RAF) бил распореден за „следење на секое движење на овој брод“ и дека неговите пилоти рекле дека биле цел на ласери.
„Таа руска акција е длабоко опасна“, рече Хили. „Мојата порака до Русија и до (претседателот Владимир) Путин е оваа: „Ве гледаме, знаеме што правите и ако Јантар отпатува на југ оваа недела, ние сме подготвени.“
Руската амбасада во Лондон реагираше луто на она што го нарече „најновите провокативни изјави“ од Хили и тврдеше дека Јантар бил „океанографско-истражувачки брод“ што работи во меѓународни води. Во соопштението, амбасадата негираше дека ги таргетирала подводните комуникации на Велика Британија или дека ја поткопала нејзината безбедност.
М. Д.











































