Украина на 23 октомври врати 270 лица од руско заробеништво, меѓу нив војници и девет цивили. Според претседателот Володимир Зеленски, повеќето ослободени бранители биле заробени од 2022 година, а најголем дел учествувале во одбраната на Мариупол. Меѓу вратените се и пет лица за кои се сметаше дека загинале во нападот врз затворот во Оленивка во јули 2022 година.
Ослободени се припадници на Националната гарда, вклучително и борци од „Азов“, граничари и војници од повеќе родови на украинските вооружени сили. Меѓу нив има тешко ранети и сериозно болни лица, како и двајца бранители заробени уште во 2018 и 2020 година.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на X го истакна враќањето на петтемина преживеани од Оленивка и на цивили со особено тешки животни и здравствени околности:
„Се вратија и цивили, меѓу кои 90-год. жена со ограничена подвижност“, како и жена што претрпела срцев и мозочен удар и мајка со дете. Уште илјадници Украинци остануваат во заробеништво, напиша Дир.
Од заробеништво во рф се вратија 270🇺🇦 меѓу кои 5 лица за кои се сметаше дека загинале во Оленивка. Се вратија и цивили, меѓу кои 90-год.жена со ограничена подвижност, 50-год.🇺🇦 која претрпела срцев и мозочен удар,како и мајка со дете. Уште илјадници 🇺🇦 остануваат во заробеништво https://t.co/b7b8TbN24c
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 23, 2026
За хуманитарното враќање на цивили од окупираните територии извести и украинскиот народен правобранител Дмитро Лубинец. Тој соопшти дека постарата жена и 50-годишната жена со сериозни здравствени проблеми добиваат медицинска помош. Мајката и детето претходно живееле во Мариупол, а војната, окупацијата и проблемите со документите го спречувале нивното заминување.
Во втората објава на англиски, Дир порача:
„Украина продолжува да работи за сите да се вратат дома. Сите Украинци што ги држи Русија мора повторно да бидат со своите најблиски.“
Ukraine continues working to bring everyone home. All Ukrainians held by Russia must be reunited with their loved ones. https://t.co/e6gInxskMs
— Larysa Dir (@dir_larysa) October 23, 2026
Истовремено, руските напади продолжија. Според украинските Воздухопловни сили, ноќта кон 23 октомври биле употребени 176 дронови. До 08:00 часот по украинско време биле соборени или потиснати 140, а погодоци биле регистрирани на 19 локации.
Во извештаите се наведува дека има осум загинати цивили и 67 повредени во претходното деноноќие. Нападите врз енергетиката предизвикаа прекини во снабдувањето во повеќе области, а една термоелектрана на ДТЕК го запрела производството по рускиот напад.
ЦМ Деск












