Повеќе од 70.000 Палестинци се убиени како последица на израелската воена кампања во Газа, соопштува Министерството за здравство во енклавата, кое е под раководство на Хамас. Бројката продолжува да расте и по стапувањето во сила на примирјето на 10 октомври, додека израелската армија изведува нови воздушни напади за, како што наведува, „повреди на примирјето“, а телата на жртвите и понатаму се извлекуваат од урнатините.
Меѓу најновите жртви се и двајца мали браќа, Фади и Џума Абу Аси, кои според семејството, собирале огревно дрво кога биле погодени од израелски дрон. Израелските одбранбени сили (IDF) за Би-Би-Си изјавиле дека „неутрализирале двајца осомничени“ кои ја преминале т.н. „жолта линија“ – предел до кој израелската војска се согласила да се повлече согласно примирјето посредувано од САД.
Во медиумските извештаи браќата се опишуваат како осумгодишно момче и неговиот брат, стар 10 или 11 години. Погребот бил одржан во болницата Насер во Кхан Јунис.
Иако Израел постојано ги оспорува податоците од здравствените власти во Газа, нивните бројки се сметаат за веродостојни од страна на ОН и меѓународните институции. Меѓународните новинари, вклучително и Би-Би-Си, не можат независно да влезат во Газа за да ги проверат податоците од двете страни.
Министерство за здравство во Газа објави дека вкупниот број на загинати достигнал 70.100, од кои повеќе од 350 загинале по започнувањето на примирјето на 10 октомври.
Воената офанзива на Израел беше покрената поради нападот предводен од Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 беше киднапиран, пишува Би-би-си.












