Бугарија понуди итно снабдување со мазут (тешко гориво) на Република Северна Македонија како поддршка во услови на објавената кризна состојба во земјата.
Оваа понуда дојде по прогласување седумдневна кризна состојба заради тешкотии во снабдувањето со енергенси, особено мазут, кој е неопходен за производство на електрична енергија.
Од бугарска страна, беше соопштено дека има достапни резерви на мазут за домашните потреби и дека може да понуди поддршка во рамки на техничките и логистичките можности.
Македонската Влада засега не ја прифаќа оваа понуда, со образложение дека моменталната ситуација не бара итна помош од надвор и дека земјата ќе се потпре на свои домашни резерви на мазут.
Според бугарските медиуми, по наредба на премиерот во оставка Росен Жељазков, министерот за енергетика Жечо Станков извршил проверка на залихите на мазут во земјата. Утврдено е дека Бугарија има доволни количини за сопствените потреби и може да понуди итни залихи на Македонија, пишува Дојче Веле.
„Врз основа на утврдените доволни количини, бугарската влада ѝ понуди на Република Северна Македонија итни залихи на котелско гориво (мазут) со цел да ѝ помогне на земјата во условите на вонредната состојба“, пренесува БНТ.
Според ДВ, предлогот бил даден за време на телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот колега Тимчо Муцунски. За време на разговорот било нагласено дека обезбедувањето помош е израз на добрососедство и солидарност, со цел да се обезбеди енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Одлуката за кризна состојба доаѓа по барање на ЕСМ, поради блокадите на грчките земјоделци кои ја отежнуваат доставата на енергенси за производство на електрична енергија.
Д. Т.












