Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави инвестиција од 21 милион евра во железничкиот транспорт, наменета за набавка на до пет нови електрични локомотиви со резервни делови. Инвестицијата ќе се реализира преку заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и е дел од поширока стратегија за обнова на железничкиот сектор.
Мицкоски истакна дека железницата со децении била занемарувана, а состојбата што ја наследиле била критична – немало ниту една целосно функционална локомотива, а повеќе од 20 меѓународни товарни композиции биле стопирани, со изгубени договори и приходи.
Од јули до септември 2024 година, како што посочи, биле ставени во функција пет локомотиви, а до февруари 2025 година – десет од 46 постојни, што бил првиот чекор кон стабилизација на системот.
„Целта на оваа набавка е јасна – зголемување на бројот на расположливи локомотиви, раст на транспортниот капацитет и враќање на железницата како двигател на економијата“, изјави премиерот.
Премиерот нагласи и дека фокусот е на електрични локомотиви со нула емисии, како дел од напорите за чист, одржлив и еколошки транспорт, и дека започнале градежни работи за Линија 1 – градски воз, како и подготовка за брза пруга на Коридор 10, во партнерство со Обединетото Кралство.
„Ова не се изолирани проекти, туку системска обнова на железничкиот сектор – инвестиција во економијата, екологијата и европската иднина на државата. Железницата ја враќаме на шините на развојот, со план и јасна визија“, заклучи Мицкоски.












