ДЕХРАН МУРАТОВ
„Ние ќе се повлечеме од набавка на нов владин авион и ќе се молиме да останеме живи. Доколку се урнеме некаде и доколку починеме, тогаш претпоставувам дека ќе им стане јасно на сите дека оваа дебата за некоја идна влада и за некои идни премиери е одвишок и дека е беспредметна“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Изјавата на Мицкоски ќе остане запаметена не толку по самата идеја за купување авион, туку по драматичната порака што ја испрати: „Ќе се молиме да останеме живи, и ако се урнеме и починеме, тогаш дебатата ќе стане беспредметна“. Веројатно сакаше да ја нагласи важноста на безбедноста. Наместо тоа, ја нагласи разликата меѓу „нивната“ и „нашата“ безбедност.
Бидејќи ние, обичните смртници, немаме владин авион кој ќе дојде по нас ако задоцниме на приватен лет. Ние имаме градски автобус. И во Скопје, тој автобус понекогаш доаѓа, понекогаш не. Најчесто доцни со часови. Понекогаш чади. Понекогаш застанува среде улица, па возачот ни вели „до тука“ – се расипал или снемало гориво. А понекогаш и се запалува. И да, нашата молитва не е хипотетичка и драматична, таа е реална. Таа е тивка, секојдневна мисла како ќе стигнеме до работа, училиште или лекар.
Никој не спори дека премиерот треба да патува безбедно. Напротив, државата мора да обезбеди сигурност за институциите. Но прашањето не е дали безбедноста е важна, туку – чија безбедност прва доаѓа на ред кога се делат приоритетите? Дали безбедноста во оваа држава има хиерархија? Дали ризикот е неприфатлив само кога станува збор за највисоките функционери, а е „поднослив“ кога станува збор за обичниот граѓанин?
Со години слушаме најави за нови, еколошки автобуси. Слушаме ветувања, гледаме фотографии од потпишувања, читаме соопштенија. Но автобусите никако да стигнат во Скопје. Ќе издржиме уште најмалку сто пропагандни текстови и уште десет прес-конференции. Можеби еден ден ќе им се израдуваме на новите автобуси. Секако – ако дотогаш останеме живи.
Кога аргументот за нов авион се темели на сценарио „ако се урнеме и починеме“, тоа е обид дебатата да се затвори со страв. На крајот, не станува збор само за леталото. Станува збор за доверба. За чувството дека државата подеднакво се грижи за сите животи. Додека таа доверба не се обнови, ние ќе продолжиме секое утро да ја повторуваме истата тивка молитва – да стигнеме живи дома.












