Скопје/Кијив, 13 јуни 2026 – Додека руските сили продолжуваат со воздушни напади врз украински градови и цивилна инфраструктура, руската пропагандна машинерија повторно ја активира една од своите најдолго користени дезинформациски наративи – тврдењата дека Украина развива биолошко оружје во соработка со западни партнери.
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, денеска предупреди дека станува збор за уште еден обид за манипулација на јавноста и оправдување на руската агресија.
„Пропагандата на рф повторно се обидува да манипулира со темата за биолошката безбедност ширејќи лажни тврдења за развој на биолошко оружје во Украина. Оваа дезинформација се користи за оправдување на агресијата и за одвлекување на вниманието од руските злосторства“, напиша амбасадорката Дир на платформата X.
Нејзината реакција доаѓа откако руските државни медиуми и официјални претставници повторно почнаа да пласираат обвинувања за наводни „американски биолаборатории“ во Украина – наратив кој Кремљ го користи уште од почетокот на целосната инвазија во 2022 година.
Пропагандата на рф повторно се обидува да манипулира со темата за биолошката безбедност ширејќи лажни тврдења за развој на биолошко оружје во🇺🇦Оваа дезинформација се користи за оправдување на агресијата и за одвлекување на вниманието од руските злосторства https://t.co/Q7FUkxMgV0 pic.twitter.com/DTzJGH23fq
— Larysa Dir (@dir_larysa) June 13, 2026
Украинското МНР: Нема никакви докази, сите обвинувања се веќе побиени
Во официјален коментар објавен денеска, Министерството за надворешни работи на Украина категорично ги отфрли новите руски обвинувања.
„Украинската страна никогаш не била вклучена во развој, производство или складирање биолошко оружје“, наведува Министерството.
Од МНР потсетуваат дека долгогодишната соработка меѓу Украина и САД во областа на биолошката безбедност е насочена исклучиво кон јакнење на јавниот здравствен систем, епидемиолошкиот надзор, лабораториската дијагностика и биосигурноста.
Станува збор за цивилни програми кои се спроведуваат во согласност со меѓународните стандарди и немаат никаква поврзаност со воени цели, нагласуваат украинските власти.
Русија веќе ја отвори оваа тема пред Обединетите нации – без резултат
Украинското Министерство потсетува дека Русија веќе официјално го покрена ова прашање во рамките на Конвенцијата за биолошко и токсично оружје (BWC) во 2022 година.
Тогаш, на барање на Руската Федерација, беше спроведен консултативен процес во кој беа презентирани сите информации за програмите за меѓународна соработка во Украина.
„Како резултат на консултациите, не беше пронајден ниту еден доказ што би ги потврдил тврдењата за развој на биолошко оружје или постоење на воени биолошки програми во Украина“, наведува украинското МНР.
Истите обвинувања биле разгледувани и во Советот за безбедност на ОН, каде што Русија не презентирала никакви докази што би ги поткрепиле нејзините тврдења.
Во декември 2023 година, Украина повторно ја потврдила својата позиција пред државите членки на Конвенцијата, нагласувајќи дека сите активности во областа на јавното здравје се целосно усогласени со меѓународното право.
Познат модел на дезинформации
Наративот за „биолабораториите“ е еден од најпознатите примери на руска дезинформација поврзана со Украина. Аналитичарите потсетуваат дека истиот беше широко користен во месеците пред целосната инвазија во февруари 2022 година, како дел од обидите на Кремљ да создаде привидна оправданост за агресијата.
Украинските власти сметаат дека обновувањето на овие обвинувања не е случајно и доаѓа во време кога Русија се соочува со зголемен меѓународен притисок, продолжени санкции и критики поради нападите врз цивилни цели низ Украина.
„Повторното оживување на оваа дезинформација има јасна цел – да се одвлече вниманието од руските воени злосторства и од секојдневните напади врз украинските градови“, оценуваат украинските дипломати.
Во заклучокот на своето соопштение, Министерството за надворешни работи на Украина ја повторува посветеноста на земјата кон транспарентноста, меѓународната соработка и јакнењето на глобалниот систем за биолошка безбедност, повикувајќи ги владите, медиумите и јавноста да се потпираат на проверени факти и меѓународни наоди, а не на пропагандни конструкции и дезинформации.
Џ. Дерала / Д. Мишев












