Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе присуствува на Самитот ЕУ–Западен Балкан во Тиват, и покрај предупредувањето на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) дека неговото патување во Црна Гора претставува „висок безбедносен ризик“. Според БИА, причините се поврзани со наводни активности на странски разузнавачки служби и присуство на организирани криминални структури во земјата.
Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изјави дека Вучиќ останува решен да отпатува во Тиват, каде што се очекуваат средби со високи европски претставници, меѓу кои Емануел Макрон, Фридрих Мерц и Урсула фон дер Лајен.
Тензиите меѓу Белград и Подгорица дополнително се зголемија откако црногорските власти спречија влез на 87 српски државјани кои пристигнале со чартер-лет во Тиват, оценувајќи дека претставуваат безбедносен ризик пред самитот. Според црногорските служби, дел од лицата биле поврзани со групи кои претходно учествувале на настани со висок безбедносен ризик, а на некои им биле пронајдени и политички транспаренти.
Во изјава пренесена од српските медиуми, Брнабиќ откри дека се обидела да го разубеди Вучиќ да патува во Тиват, но тој „не сака ни да слушне за откажување на патувањето“. Таа додаде дека претседателот најверојатно ќе патува со значително намалено обезбедување.
Самитот во Тиват е посветен на евроинтеграциите на земјите од Западен Балкан и се одржува во услови на засилени регионални тензии и дипломатски недоразбирања меѓу Србија и Црна Гора.
ЦИВИЛ Медиа Деск












