Наместо низ инклузивен, транспарентен и демократски процес, предложените измени на Изборниот законик беа подготвувани во тесен политички круг, без суштински консултации со граѓанското општество, експертската јавност и академската заедница. Наместо јавна дебата за правилата што го уредуваат едно од основните демократски права – правото на глас – процесот беше обележан со политички судири и блокада во Собранието.
Иако Изборниот законик ги поставува темелите на демократската конкуренција и влијае врз легитимитетот на институциите, јавноста беше практично исклучена од неговото креирање. Не беше организирана вистинска јавна расправа, ниту беа земени предвид долгогодишните препораки на организациите што континуирано ги следат изборните процеси и предлагаат реформи засновани на домашните искуства и меѓународните стандарди.
Според долгогодишните препораки на ЦИВИЛ, довербата во изборниот процес не може да се гради преку носење закони во затворен политички процес. Напротив, изборните правила треба да бидат резултат на широк општествен консензус, транспарентност и активно учество на сите засегнати чинители.
Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, оценува дека и овојпат целосно е занемарена граѓанската димензија на изборните реформи.
„Повторно едно фундаментално човеково право – правото на глас – е само алатка во рацете на моќните, без дури и минимална консултација со граѓанките и граѓаните. Дури и не одглумија дека се заинтересирани за правото на глас и демократските вредности кои се суштински и составен дел од изборните процеси. Ни формално, ни неформално, политичките партии не покажаа интерес за препораките на граѓанското општество и експертите, кои во ЦИВИЛ со години наназад вредно работат на сите клучни аспекти на изборните процеси и на Изборниот законик“, вели Дерала.
Клучните препораки на ЦИВИЛ
ЦИВИЛ предлага Собранието да организира серија јавни расправи со суштинско, а не само формално учество на граѓанските организации, експертите и академската заедница, со цел изборните правила да бидат резултат на широк општествен договор, а не на партиски компромиси.
Во однос на предлогот за воведување интернет гласање за дијаспората, ЦИВИЛ предупредува дека таков модел не смее да се воведе сè додека државата не воспостави робусна сајбер-безбедност и технолошки систем што ќе гарантира безбедност, тајност и слобода на гласањето, без ризик од притисоци, манипулации и злоупотреби.
Наместо фокус на технолошки експерименти, ЦИВИЛ повикува на суштинска демократизација на изборниот систем преку воведување една изборна единица, отворени листи, департизација на изборната администрација, еднаков пристап до државното финансирање за сите политички субјекти, како и поефикасни механизми за заштита на интегритетот на изборниот процес.
Во текот на целиот процес, политичките партии покажаа далеку поголем интерес за меѓусебните политички пресметки и за спротивставување на предлозите на политичките конкуренти отколку за мислењето на граѓаните, експертската јавност и организациите што со години работат на изборните реформи. Ниту власта, ниту опозицијата не отворија простор за суштински дијалог со јавноста, туку дебатата ја сведоа на партиски позиции и политички калкулации.
ЦИВИЛ предупредува дека изборните закони не смеат да бидат сопственост на која било власт или заложник на меѓупартиски договори и блокади. Тие претставуваат темел на демократскиот поредок и затоа мора да се креираат низ транспарентен, инклузивен и професионален процес, во кој граѓаните, стручната јавност и сите засегнати чинители ќе имаат реална можност да учествуваат во обликувањето на правилата што ја гарантираат демократијата.
Изборите не смеат да бидат инструмент за дневнополитички надмудрувања, туку општествен договор што ја гарантира довербата во демократијата
Б. Ј.
Повеќе:













