Џабир Дерала
Кијив, 23 јули 2026 година, 23:27 часот
Чудна е атмосферата вечерва во Кијив.
Речиси два дена трае затишје. Би требало да носи олеснување. Но овде никој не е толку наивен. Вечерва тишината се спушти речиси два часа пред полицискиот час. Не смирува. Има нешто тешко во воздухот, чувство на исчекување што никој не го изговара гласно.
Плоштадите, улиците и локалите се испразнија малку порано отколку претходната вечер. Не знам дали луѓето чувствуваат дека се подготвува нов масовен напад или, едноставно, премногу добро ја познаваат логиката на оваа војна. Долгото затишје најчесто не значи дека опасноста поминала. Напротив.
Кијив ноќва е тивок. Но ми изгледа и буден.
Луѓето се повлекоа во домовите. Без паника, но и без илузии.
Вечерва тишината ми личи на исчекување. Ги оставам кондурите покрај креветот.
Добра ноќ, Кијив. Се надевам дека претерувам.
Creative Commons 4.0 | Дозволено преземање со атрибуција и линк | CIVIL MEDIA













