Европската комисија му изрече казна од вкупно 890 милиони евра на Google поради прекршување на правилата од Законот за дигитални пазари (Digital Markets Act – DMA), оценувајќи дека технолошкиот гигант ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот.
Казната е составена од две одделни санкции – 460 милиони евра поради фаворизирање на сопствените услуги во резултатите од Google Search и 430 милиони евра поради ограничувањата што Google Play им ги наметнувал на развивачите на апликации, спречувајќи ги да ги насочуваат корисниците кон поевтини алтернативи надвор од платформата.
Според Европската комисија, Google систематски им давал предност на сопствените услуги – како што се купување, хотели, превоз и спортски резултати – на сметка на конкурентските платформи. Во исто време, правилата на Google Play ги ограничувале компаниите да ги информираат корисниците за други начини на купување или претплата надвор од продавницата за апликации.
Ова се првите парични казни изречени против Google според Законот за дигитални пазари, кој стапи во сила за да ја ограничи доминацијата на најголемите технолошки компании и да обезбеди поправедна конкуренција во дигиталната економија. Европската комисија соопшти дека Google презел одредени чекори кон усогласување со правилата, но тие не биле доволни за да се избегне санкцијата.
Google ја отфрли одлуката, оценувајќи дека барањата на Европската унија можат да ги влошат квалитетот и безбедноста на услугите и најави дека ќе ја оспори казната. Компанијата истовремено продолжува разговори со европските регулатори за дополнителни измени кои би ја усогласиле нејзината работа со новите правила.
Одлуката се очекува дополнително да ги заостри односите меѓу Европската унија и САД, бидејќи Вашингтон и претходно ги критикуваше европските мерки насочени кон американските технолошки компании.
ЦИВИЛ Медиа Деск












