Љубомир Костовски
Во еден текст на уважениот бугарски професор и политички коментатор Евгениј Дајнов амбиентот за време на гласањето во неговата земја го нарекува мочуриште, како опис на една пасивност која не се помрднува покрај низата обиди за изместување на јавното мислење во поактивна супстанца. Дури, нели, и со чести и масовни демонстрации во насока на промени, главно во главниот град, што даваше привид дека дошло времето да не биде сѐ исто како што е веќе долго време во земјата.
Исходот на гласањето постојано беше таков што просто не можеше со години да се формира стабилно парламентарно мнозинство, бидејќи, резултатот постојано се повторуваше, а најмалку половина од гласачите притоа си седеа дома и не ни помислуваа да се довлечкаат до гласачките кутии.
И така, се создаде некакво мочуриште каде пасивноста го обликуваше амбиентот кој треба да се окарактеризира како демократски и плуралистички.
А дали е таков? – се прашуваме и ние тука, кога гледаме како почетниот ентузијазам за гласање што постоеше после референдумското изјаснување за независност, полека се топеше интересот за обликување на стварноста преку партиските понуди. И веќе последните години се одржува како израз на една најстабилна групација на граѓани која неделата ја смета само како време кога треба во пантофли да се седи пред телевизорот и да ја користи евтината струја за завршување на разни потреби во домаќинството.
Ние се имаме сериозно заразени од тој бугарски синдром кој, пак, не може да има целосно идентичен историски контекст!
Дајнов своевремено процени дека кога честите, изнудени избори не даваа стабилно парламентарно мнозинство, бугарскиот граѓанин кој во полувековното живеење во комунизмот едноставно морал да излезе да гласа под будното око на системот, демократијата ја сфаќа како ослободување од таа обврска. Но тука, ние би додале, во пасивноста кон избирачкото право има секако и друго согледување – разочараноста од фактот дека стабилноста во сиромаштија во земјата, се претворила во нестабилност во истата таа сиромаштија, кога капиталот го презедоа поранешните НКВД-овци. И кога граѓанинот остануваше без автомобил додека чекаше на крстосница на запалена црвена светилка на семафорот, а некои непознати гангстери ќе го истуркаа од седиштето и ќе заминеа со неговиот „најдрагоцен“ имот (ова им се случуваше и на нашите граѓани кога одеа во таа земја).
Практично, од наша гледна точка фактот што на сите избори, па и на оние што ќе се случат во недела, на 25 октомври, кога Бугарите треба да изберат претседател и потпретседател на државата (во двојка), фаворитите се одново исти.
Тие се помалку или повеќе претставници на старите проруски гарнитури, на кои ништо не им значи ЕУ, која е извор само на бесплатни грантови. Да не заборавиме дека по влезот во Унијата Бугарија од земја со околу 9 милиони жители се симна на само 6 милиони, па оние „проевропските“ потенцијални гласачи сега евентуално гласаат во земјата на егзилот. Во земјата останаа оние кои сакаа да опстане тињата на непромената и само така може да се сфати и замаеноста од личноста на Путин, која ја држи и претседателката Јотова (кандидат и на изборите во недела), премиерот Радев и така натаму.
Навидум постои некаков плурализам во понудата, дури и отповеќе. Регистрирани се 27 кандидатски двојки за претседател и потпретседател. Покрај Јотова, поддржана од левичарската партија Прогресивна Бугарија, тука е и поранешниот технички премиер Андреј Ѓуров, поддржан од наводни либерални, проевропски опозициски партии. Меѓу другите кандидати е и Костадин Костадинов, лидер на десничарската, евроскептична партија Преродба. Но таа шареноликост на понудата секако не е импресивна ако граѓанинот во поголем број не сака да партиципира во изборот. Се одбира „партијата“ на лежерноста и индиферентноста за здравиот амбиент, што би се добил само преку проветрување со свежи идеи и активности и би му давал некаква смисла на системот.
Ова секако, како паралела, важи и за гласањето на локалните избори во Брвеница во неделата. Аналитичарите на овие избори по малку се измачуваат вртејќи се во еден круг кој практично претставува само 46 отсто од гласачката маса во општината! Тоа е она – што е вистински индикатор, каде сме во однос на користењето на гласачкиот потенцијал и – што е најважно – зошто оваа масовна апстиненција станува и наше обележје. Многу слично, ако не и идентично со бугарските визури за излезноста кои траат многу подолго отколку кај нас, само што ние сега како дел од „помлада“ појава треба да си го ставиме прстот на чело!
Според актуелен текст на Емилија Целаковска на оваа тема, а која се повикува на размислување на професорот Љубомир Фрчкоски „имаме докажување на граѓанска послушност во услови кога власта е лоша, граѓанинот знае дека е лоша, власта знае дека граѓанинот така смета и со тоа власта се релаксира, останувајќи на прилично ненапорна пропаганда за продлабочување на пасивноста (кај некого пасивноста е последица на депресија, но кај некого е избор на помалку суицидална стратегија)“. Да не должиме околу ова, Фрчкоски, меѓу другото, смета дека имаме „немотивиран човек, којшто, пак, како што замислува ex ante (и истото го преточува во пракса), не учествува во последицата“. Или се избира власта преку пасивноста.
Оттаму говоранциите на Мицкоски, тие мали скечеви во неделата навечер после изборите или во понеделникот напладне (негов традиционален термин кога не ги гледаме прашањата на новинарите, ама ги имаме само одговорите) зборуваат за некаков триумфализам кој е само лушпа во која ја нема содржината.
Имено, таа негова оценка значи истовремено дека тој во најмала рака и не е сигурен што мисли за неговата политика гласачкото тело (53 отсто), ама е сигурен дека нема да биде во некаков активен отпор кон власта. Ги пренебрегнува дури и ефектите на таа ситуација во вториот круг, кога може да сметаме дека отсуството на мотивација може да го оддалечи од градоначалничкото место. Ова посебно по јавните прокламации во двете главни албански партии за заедничко гласање, плус поддршка од трета страна, од Таравари. А нема некаков коалициски потенцијал. Сега и без поразениот ВЛЕН, а евентуално само со нерелеватната Левица, како пропагандна поволност искористена при недонесувањето на најниска плата во земјава. Бидејќи – со својот речник просто ги сруши сите мостови до таа цел! Па и со поддршката што неговата агитпроповска машинерија ѝ ја дава на Платформата.
Што би се рекло, и „победникот“ Мицковски и пасивните бирачи – имаат единство само во несреќната иднина на земјата.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












