• Latest

Јавање на бранот: Анатомија на „дозволениот пребег“ и удбашката култура на владеење

October 19, 2026

Трето продолжување на кризната состојба со нафтата: Северна Македонија останува зависна од увозот

October 19, 2026
Италија, 16 октомври 2026

Од Париз и Тирана до Лисабон и Милано – протести, незадоволство и насилство на улиците

October 19, 2026
Кијив, 18-19 октомври 2026 (ДСНС)

Теророт на рускиот агресор продолжува: Ракети врз Кијив, дронови кон Лвив, а Путин би кроел „мир“ со Трамп и Си – за Украина без Украина

October 19, 2026

Изборна анализа на ЦИВИЛ: Брвеница го чека вториот круг – во трката останаа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

October 19, 2026
Општина Брвеница

Радически со предност пред Јахиј: Брвеница оди во втор круг за избор на градоначалник

October 19, 2026

Од бразилски ритми и електронски експерименти до француска џез-авангарда: Завршна вечер на 45. Скопски џез-фестивал

October 18, 2026

Во утринско обраќање во живо, Рама тврди дека е спречен напад со експлозивен дрон, најавува нови полициски интервенции и одбива оставка

October 18, 2026
Општина Брвеница

Брвеница избира градоначалник: Шест кандидати во трка за гласовите на 16.256 избирачи

October 18, 2026

Цвет од мигдал

October 18, 2026
Patxi Beltzaitz, Berria, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Генерацијата на гневот: Младите ја тресат Европа, полицијата возврати со бруталност и грубо кршење на човековите права

October 18, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Јавање на бранот: Анатомија на „дозволениот пребег“ и удбашката култура на владеење

October 19, 2026 18:37
in АНАЛИЗИ, ИСТОРИЈА, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter
Ова не е краток, ниту лесен текст за читање. Тој бара трпение, историска меморија и подготвеност да се погледне зад удобните политички објаснувања со кои со децении го толкуваме сопственото општество. Во текстот е присутна и лична перспектива, не за темата да се сведе на една биографија, туку затоа што дел од механизмите на државата беа согледани одблизу, уште пред да станат предмет на професионална анализа. Во редовите што следуваат аналитичката дистанца затоа повремено се допира со личното искуство, без тоа да ја замени потребата од аргумент, проверка и историска одговорност. 

Александар Иванов

Во претходната колумна  „Удбашката култура на владеење“  свесно беше оставен настрана моментот на волја и централизирана, организирана акција. Причината е добро позната: секој долготраен систем со текот на времето престанува да зависи од поединци и почнува да функционира како култура. Она што некогаш било стратегија родена од присила и страв, денес може да опстојува како самоодржлива навика водена од интерес или едноставно дури и навики.

Оттука, дури и она што било свесна оперативна практика, денес е политички рефлекс на оние што ја спроведуваат, понекогаш и без целосно да бидат свесни за нејзиното потекло. Едноставно „така се прави.“ Но рефлексната изведба не значи дека оваа култура е спонтана. Би било наивно од сите нас да се прифати дека системот на затворени кругови и заемна заштита се одржува исклучиво случајно.

Но токму тука мора да се направи разлика меѓу заговор и структура. Заговорот претпоставува еден центар, единствена команда и актери кои ја знаат целата операција. Структурата може да функционира и без тоа. Доволно е учесниците да знаат кои однесувања се наградуваат, кои прашања не се поставуваат, кому му се должи услуга и кој навреме треба да биде заштитен. Во таков поредок, молчењето не мора да биде наредено, а лојалноста не мора да биде потпишана. Системот ги произведува како рационални стратегии за личен опстанок, богатење и соодветна положба во општествената хиерархија.

Во повеќе претходни текстови посветени на кризата на „македонските елити“ (се разбира овде може да си дозволиме да бидеме саркастични) се развива тезата дека проблемот не е во една партија, една влада или еден лидер, туку во репродукцијата на истиот модел на политичко однесување. Во пошироката рамка на „Анатомија на новиот поредок“, концепт кој е предмет на мој интерес во подолг период, овој аргумент гласи дека новиот поредок не ги казнува само слабите, туку пред сè недовршените држави: оние во кои старите механизми на контрола се приспособуваат кон новите општествени и технолошки услови, додека внатрешната форма на државата останува слаба.

Недовршената држава не е држава без институции. Напротив, таа често има устав, закони, агенции, комисии и стратегии во изобилство. Нејзиниот проблем е што формалните институции не се единственото место каде што се донесуваат одлуките. Покрај официјалната хиерархија постои неформална мрежа на пристап, препораки, посредници и долгови. Кога тие две архитектури ќе се судрат, неформалната најчесто победува, зашто располага со она што законот не може да го произведе: селективна заштита и селективна казна.

Пред анализата да навлезе во механиката на таа адаптација, корисна е кратка лична забелешка што ја објаснува перспективата од која е напишан текстот. Би сакал накратко да Ве запознаам за моето животно искуство. Имено, детството во семејство на полицаец, неколку години со живот во напуштен стан на ЈНА, а потоа и во полициска барака на потегот меѓу Кондово и Сарај, овозможи ран и непосреден допир со посуровата страна на државниот апарат. Тоа искуство не дава привилегирано право на конечен суд, но помага да се разбере зошто темата не е доживеана само како дневнополитичка полемика.

Образованието, академската работа и подолгото набљудување на институциите подоцна ја претворија таа почетна перспектива во предмет на посистематска анализа.

Како системот го јава бранот во „празниот простор“

Суштинското прашање е како удбашката култура успева да опстои низ различни идеологии, партии и генерации во Македонија. Одговорот е едноставен: таа ретко му се спротивставува на доминантното расположение на населението; наместо тоа, го проценува, го апсорбира и го користи како извор на легитимитет. Таа не се бори против бранот, туку го јава бранот.

Ова е нејзината најголема адаптивна предност. Систем што би се обидел трајно да владее против длабоките чувства на мнозинството би морал постојано да употребува отворена репресија, а тоа е скапо, ризично и лесно видливо. Никој не може против народот, тоа го знаат сите носители на власт.

Многу поефикасно е да се присвои јазикот на мнозинството, да се дозволи контролирано празнење на неговиот гнев и да се понуди политичка форма што изгледа како промена, без да ги наруши каналите низ кои се распределуваат моќта, функциите и јавните ресурси. Операцијата на Вучиќ изминатите години веројатно ќе се изучува како практикум.

Тука се надоврзуваат и претходните анализи за колективните митови, регионалната психологија и политичкиот нарцизам. Во „Трагедијата на нарцисоидните народи: како Европа ја изгуби иднината во Украина“ е развиена тезата дека современите општества сѐ почесто избираат удобни наративи наместо непријатни факти. Кога таа матрица ќе се спушти на нашиот терен, како во „Балканот во сенката на Украина: помеѓу историјата и хибридната иднина“ и „Трагедијата на балканските народи: од национална гордост до синдромот на Касандра“, се гледа како зрелата национална гордост може да биде заменета со нервозен национализам и хронично чувство на загрозеност.

Граѓаните гласаат за симболи, емоции и идентитетски пораки, а кога власта ја претвора сопствената или колективната фрустрација во јавна политика, вистинските центри на моќ и поделбата на јавниот буџет како плен остануваат надвор од фокусот.

„Празниот простор“ затоа не значи отсуство на идеологија, туку отсуство на разработени јавни вредности што би ја ограничиле секоја власт: професионалност, меритократија, одговорност, процедура и неприкосновеност на јавниот интерес. Кога тие вредности не се институционализирани, националниот симбол може да стане замена за државен капацитет, а гласната патриотска поза покритие за тивко преземање на институциите.

Реалноста е дека ВМРО освои најмногу пратенички места на првите повеќепартиски избори во 1990 година и дека тој национален сентимент, преточен низ различни политички форми, претставува доминантна струја речиси без престан оттогаш.

Размислете трезвено: ако сте служба или длабоко вмрежена структура чија примарна задача е самоодржување и заштита на капиталот, што ви е од поголема корист: да му се спротивставувате на населението или да владеете со него преку неговото расположение? Се разбира дека ќе го искористите бранот. А во Македонија, за жал, тој бран се движи низ еден огромен вредносен и институционален „празен простор“.

Таа логика не бара секој актер да биде регрутиран или управуван. Доволно е системот да селектира луѓе чиј интерес се совпаѓа со неговото продолжување. Некој влегува поради кариера, друг поради бизнис, трет поради статус, четврти поради страв од маргинализација. Резултатот, сепак, е ист: различни мотиви произведуваат иста функционална лојалност.

Механиката на „дозволениот пребег во опозиција“

Тука доаѓаме до основната теза: како старите удбашки структури, знајно или незнајно за самите актери, го овозможија континуитетот на владеење на југословенскиот државен апарат во плурализмот? Преку феноменот што го нарекувам „дозволен пребег во опозиција“.

Не станува збор за пребег во класична смисла, ниту нужно за таен договор. Станува збор за контролирано пренесување доверба од истрошен центар кон нов политички носител, доволно различен за да ја собере протестната енергија, но доволно вграден во постојните мрежи за да не ја прекине нивната репродукција. Така системот го менува лицето без да ја промени логиката.

Овој модел подразбира појава на политички фигури или групи кои формално претставуваат прекин со постојниот систем, но практично обезбедуваат негова контролирана трансформација и прегрупирање кога притисокот за промена станува преголем. Историјата на македонскиот плурализам содржи повеќе примери кои можат да се анализираат низ оваа призма:

  • Првиот голем бран во 1998 година со Васил Тупурковски, кој послужи како прв голем „дозволен пребег“ и мост за смена на власта;
  • Потоа Тито Петковски и неговото клучно учество во прегрупирањето на политичкиот простор пред промените во 2006 година;
  • И денес, отвореното прашање: дали движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски претставува вистински дисконтинуитет или уште една реорганизација на просторот по истиот рецепт?
  • И низ сите овие процеси, се јавува феноменот на Демократски сојуз на Павле Трајанов како константа.

Овие три точки не се доказ за единствен команден центар. Тие се аналитички маркери за повторлива политичка функција: канализирање на незадоволството, раздвојување на конкурентскиот блок, посредување во коалициската аритметика и производство на легитимитет за нов распоред на моќ. Тезата мора да се оценува според последиците, кадровските текови, одлуките и распределбата на ресурси, а не според гласини за лични намери.

Важно е да се нагласи дека ваквата анализа не претставува обвинение кон конкретни личности, ниту пак имам намера да давам конечен суд со предубедување. Историската дистанца и времето ќе го покажат одговорот. Во системската анализа, меѓутоа, многу поважно е прашањето кои функции ги извршуваат актерите во одржувањето на системот, отколку какви се нивните субјективни мотиви.

Клучниот тест е едноставен. Дали по политичкиот пресврт се менува само составот на власта или се менуваат правилата на селекција, одговорноста, пристапот до јавните ресурси, професионалната автономија и односот кон критиката? Ако старите неформални правила преживуваат, тогаш смената е персонална, но не и системска.

Силен аргумент во прилог на оваа теза е впечатокот за континуитет на основните механизми на владеење. Се менуваат слогани, коалиции и идеолошки етикети, но кадровскиот клуч често останува препознатлив: моделот „наше дете“, разработен во „Негативната селекција како владејачка логика“, во кој прашањето „чиј е?“ го потиснува прашањето „што знае и што создал?“.

Во современата ера, контролата врз јавниот простор добива и нови технолошки алатки: алгоритамско таргетирање на емоциите, разгледано во „Архитектура на дигиталното ‘Јас’“, и производство на синтетички шум што ја поништува автентичната алтернатива, анализирано во „Политика на множење со нула“.

Оттука, „дозволениот пребег“ има четири функции.

  1. Прво, ја презема енергијата на незадоволството пред таа да стане неконтролирана.
  2. Второ, на јавноста ѝ нуди чувство дека учествува во историски прекин.
  3. Трето, создава нови коалициски комбинации без да ги отвори затворените системи на кадровска и материјална репродукција. И
  4. Четврто, му овозможува на апаратот навреме да се приспособи на победникот, наместо да биде поразен заедно со претходната власт.

Од партиска смена до циркулација на елитите

Политичката наука одамна предупредува дека смената на владејачката група не мора да значи демократизација. Циркулацијата на елитите може да биде обновување на системот, но може да биде и негова техника на преживување. Кога новите актери зависат од истите посредници, истиот административен клиентелизам и истите извори на економска моќ, плурализмот се претвора во конкуренција за управување со наследената мрежа, а не во борба за нејзино демонтирање.

Токму затоа не е доволно изборите да бидат конкурентни. Демократскиот дисконтинуитет се мери со тоа дали институциите можат да му кажат „не“ на победникот; дали професионалецот може да опстане без партиска заштита; дали јавниот договор важи и кога е политички непогоден; и дали критичарот се третира како граѓанин, а не како непријател. Во спротивно, изборите стануваат механизам за периодична прераспределба на пленот.

Ова се поврзува и со тезата од „Држава на условни права“. Кога правилата се применуваат селективно, правото престанува да биде општа граница на власта и станува средство за дисциплинирање. Всушност, добро се знае уште од римската правна мисла дека ако правото е нееднакво, тоа станува најголемо неправо.

Па така за своите важи толеранција, за другите процедура; за корисните има исклучок, за непослушните формализам. Таа асиметрија е институционалниот потпис на културата на заемна заштита.

ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Зошто претставата успева: дефицит на меморија и самокритичност

Како е можно истиот образец да успева во повеќе изборни циклуси? Едно можно објаснување, подетално разработено во „Анатомија на заборавот: како ја избришавме институционалната меморија?“, е хроничниот дефицит на институционално и политичко паметење. Кај нас политичките генерации често ги повторуваат истите системски грешки како да се случуваат првпат, појава забележлива во повеќе општествени кризи и разгледана и во „Држава што не учи: Гостивар и системот што повторно доцни“ и во „Форензика на повторувањето (2006–2025)“.

Институционалната меморија не е архива што пасивно чува документи. Таа е способност системот да памети зошто некоја мерка била воведена, кој предупредувал, каде претходно се појавила слабоста и кој бил одговорен да ја отстрани. Кога секоја власт ја брише професионалната вертикала и ја заменува со сопствен кадар, државата не почнува од нула. Таа почнува од минус, зашто ги повторува ризиците без луѓето што веќе ја платиле цената на учењето.

Потребна е непријатна, но повнимателно формулирана констатација: овој модел на владеење полесно опстојува во средина со слаби читателски навики, ограничено учење од искуството и недоволно развиена јавна самокритичност. Како што се аргументира во „Архитектура на критичката мисла“, кога јавниот простор останува без аналитичка длабочина, историска дистанца и способност за поставување суштински прашања, јавноста станува поподложна на повторливи механизми на манипулација.

Но вината не може целосно да се префрли врз граѓаните. Политичкиот систем има интерес да произведува кратка меморија: преку дневни скандали, хиперпродукција на содржини, партиски интерпретации на секој факт и постојано поместување на вниманието.

Во таква средина, јавноста нема време да споредува ветување со резултат, кадровска промена со институционален ефект или изборен пресврт со долгорочна распределба на моќ.

Дигиталната сфера дополнително го забрзува овој процес. Алгоритмите не ја наградуваат најточната анализа, туку содржината што предизвикува најбрза реакција. Затоа стравот, навредата и идентитетската провокација патуваат побрзо од институционалниот извештај. Културата на владеење што некогаш зависела од контрола на досиеја и информации, денес може да опстанува преку контрола на вниманието.

Клучна теза: „Дозволениот пребег“ не е нужно тајна операција. Тој е повторлива системска функција преку која протестната енергија се пренесува во политичка форма што ветува прекин, а често го зачувува неформалниот распоред на моќ.

Излезот: од лов на сенки кон проверливи институционални тестови

Затоа вистинскиот предизвик не е во лов на вештерки или разобличување на една изолирана структура, туку во создавање граѓанска и професионална култура која ќе биде способна да ги препознае повторувачките модели и да каже „не“ на клиентелизмот. Само тогаш бранот на народното расположение нема да биде средство за управување со населението во празен простор, туку мотор за автентична демократска конкуренција.

Наместо бескрајно да погодуваме кој кому му припаѓа, треба да поставиме проверливи прашања. Дали конкурсите се отворени и образложени? Дали именувањата следат мерливи критериуми? Дали договорите и буџетските трансфери се јавно достапни? Дали контролните институции постапуваат еднакво кон власта и опозицијата? Дали професионалците имаат мандат и заштита од политичка одмазда? Токму овие тестови ја претвораат критиката од митологија во институционална дијагноза.

  1. Првиот чекор е зачувување на институционалната меморија: професионални архиви, задолжителни примопредавања, јавно образложени кадровски промени и лична одговорност за игнорирани препораки.
  2. Вториот е меритократска селекција со критериуми што не можат да се приспособуваат на однапред избрани лица.
  3. Третиот е видливост на неформалното влијание преку регистри на средби, судири на интереси и транспарентно финансирање.
  4. Четвртиот е јавен простор во кој критиката не се множи со нула, туку добива одговор.

Сè додека тоа не се случи, Македонија ќе продолжи да живее во циклична политика на привидни пресврти, каде што актерите се менуваат, но сценариото останува исто. А токму тоа е најголемиот успех на удбашката култура на владеење: да ги убеди граѓаните дека постојано учествуваат во историски пресврти, додека реално остануваат заробени како статисти во истата претстава.

Прашањето, оттука, не е дали повторно ќе дојде нов бран. Ќе дојде. Прашањето е дали општеството повторно ќе дозволи некој да го јавне, да му го позајми јазикот и симболите, а потоа да го врати во истото корито. Доколку не изградиме институции што ја ограничуваат моќта и граѓани што ја паметат нејзината употреба, секоја следна „историска промена“ ќе биде само нова сезона на старата претстава.

 


Поврзани колумни од авторот

  • Удбашката култура на владеење: Од историската траума, преку стравот, до мрежата на лојалности – CivilMedia
  • Анатомија на заборавот: како ја избришавме институционалната меморија и дали имаме сила да ја вратиме? – МКД.мк
  • Негативната селекција како владејачка логика: привилегирана селекција, казнена реформа и правна несигурност – МКД.мк
  • Трагедијата на нарцисоидните народи: како Европа ја изгуби иднината во Украина – МКД.мк
  • Трагедијата на балканските народи: од национална гордост до синдромот на Касандра – CivilMedia
  • Балканот во сенката на Украина: помеѓу историјата и хибридната иднина – МКД.мк
  • Архитектура на критичката мисла: Зошто на јавниот простор му е неопходна аналитичка длабочина – CivilMedia
  • Архитектура на дигиталното „Јас“ – МКД.мк
  • Политика на множење со нула: Од дигиталните илузии до европските скенери – CivilMedia
  • Држава што не учи: Гостивар и системот што повторно доцни – МКД.мк
  • Форензика на повторувањето (2006–2025): Кога ризикот станува институционална рутина – CivilMedia
  • Држава на условни права: Што се случува кога институциите ги газат сопствените договори? – CivilMedia

Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопје, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани.


ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.

Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.

Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.

Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.

Tags: историјаконтролаопозицијатајни службиУДБА
ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ