КИЈИВ – Спасувачките операции во Бучанскиот реон на Киевската област завршија вечерва, откако руски балистички ракетен напад врз воен полигон, каде што се одржувала изложба на одбранбена опрема и вооружување. Нападот однесе 10 животи, а околу 100 лица се повредени.
Според украинските власти, нападот бил извршен во текот на денот, кога две балистички ракети го погодиле полигонот. Во непосредната околина се предизвикани значителни оштетувања на цивилна инфраструктура и станбени објекти. Државната служба за вонредни состојби соопшти дека пожарникарите ги изгаснале пожарите на станбените објекти и возила, а спасувачките екипи ја завршиле потрагата по евентуално затрупани лица.
Локалните власти информираат дека ударниот бран и експлозиите оштетиле најмалку 23 куќи, два хотела, еден ресторан и 34 возила во околината на местото на нападот.




Обвинителството отвори две паралелни истраги. Првата се однесува на руско воено злосторство и кршење на законите и обичаите на војната, додека втората ја испитува евентуалната службена небрежност при организацијата на настанот и дозволувањето масовен собир во услови на активна војна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази сочувство до семејствата на загинатите и повторно нагласи дека заштитата на украинските градови од балистички ракети останува приоритет. Тој ја истакна потребата од дополнителни современи системи за противвоздушна одбрана, вклучително и системите „Патриот“.
Во меѓувреме, украинските власти ги повикаа граѓаните да не објавуваат фотографии, видеа и геолокациски информации од местото на нападот, предупредувајќи дека таквите содржини можат да му помогнат на рускиот агресор при планирањето на нови напади.
Според проценките на украинските колеги со кои контактиравме, руската „инвестиција“ во овој напад изнесува од 17 до 20 милиони американски долари.


Џабир Дерала
Кијив, 24 јули 2026, 20:42 часот по локално време












