• Latest
Проф. д-р Александар Иванов

Удбашката култура на владеење

September 28, 2026

Провизии, камати и изгубено време: Што им замеруваат граѓаните на банките?

September 28, 2026
Фарид Закарија во ГПС на Си-ен-ен разговараше со Бил Гејтс, 27 септември 2026 (скриншот)

Бил Гејтс за Си-ен-ен: Вештачката интелигенција налага контрола, светот не смее да се залажува

September 28, 2026

Меѓу восхитот и апокалипсата

September 28, 2026
Александар Вучиќ (ФБ профил)

БАЛКАНСКИ ПОЛИТИЧКИ МАНЕВРИ: Вучиќ ја напушти претседателската функција, но не и битката за власт – Србија влегува во двоен изборен циклус

September 28, 2026
Христијан Мицкоски, ОН, 25 септември 2026 (фото: ФБ / Христијан Мицкоски)

ИЗЈАВА НА НЕДЕЛАТА: Христијан Мицкоски во ОН

September 28, 2026
Андриј Сибига (Фото: УКРИНФОРМ)

Сибига: Русија не покажува подготвеност за мир, Украина бара повеќе одбрана, користење на замрзнатите руски средства и заеднички европски одговор

September 27, 2026
Ground robotic systems

„Армија на роботи“: Украина ја забрзува роботизацијата на бојното поле

September 27, 2026

„12:05“, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Триаголен судир

September 27, 2026
Проф. д-р Оливер Андонов (фото: А. Мехмети/ЦИВИЛ)

Македонија или ЕУ

September 27, 2026

Кога ВИ-агентот ја бара заобиколната врата: Што навистина откриваат инцидентите на OpenAI

September 26, 2026
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

Удбашката култура на владеење

ЕСЕЈ за историската траума, стравот, и мрежата на лојалности

September 28, 2026 10:42
in АНАЛИЗИ, ИСТОРИЈА, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Проф. д-р Александар Иванов

Проф. д-р Александар Иванов

Share on FacebookShare on Twitter

Александар Иванов

Оваа колумна е дел од пошироката линија на моите јавни анализи за институционалната меморија, негативната селекција и историските трауми што ја обликуваат политичката култура на Балканот.

Често во јавноста слушаме дека некаков невидлив „удбашки“ механизам ги контролира политичките, економските и институционалните процеси. Таквото објаснување лесно се претвора во теорија на заговор, во која сè што не можеме веднаш да го разбереме му го припишуваме на еден таен центар на моќ. Но што ако суштинскиот проблем денес не е постоењето на една семоќна служба? Што ако станува збор за нешто подлабоко и поотпорно: култура на владеење што го надживеала системот во кој била создадена?

Под „удбашка култура“ не подразбирам дека поранешната УДБА и денес формално раководи со државата, ниту дека секој поранешен припадник на безбедносните структури е дел од активна мрежа. Под овој поим подразбирам наследен образец: затвореност, безусловна лојалност кон центарот на моќ, селекција на „проверени луѓе“, контрола на информациите, заемна заштита и неутрализирање на секој што може да го наруши воспоставениот распоред. Тоа е култура во која човекот не се вреднува првенствено според знаењето и професионалниот интегритет, туку според едно понижувачки едноставно прашање: чиј е?

Од империјата до државата на стравот

За да ја разбереме оваа матрица, мора да погледнеме подалеку од времето на социјалистичка Југославија. Неуспехот на Отоманска Турција да се трансформира доведе до нејзин распад, а младотурската револуција доцнеше барем еден век. Во меѓувоеното Кралство владеењето на овој простор се сведе на вонредна состојба, со постојана пресија, административен притисок и произволно делење на „пленот“ во смисла на земја и капитал. Тоа беше поткрепено со систематска, детално планирана колонизација на наставнички кадар, воен и полициски состав.

Од такви услови не се создава слободен граѓанин. Населението систематски и континуирано било под силна пресија, што неминовно создало култура на страв и култура на вртење на погледот. Се создава поданик кој навреме проценува кој е моќен, прифаќајќи ја дури и колективната социјална патологија да се почитува оној што владее, па макар тоа било на штета на сите.

Во колумната „Балканот во сенката на Украина: помеѓу историјата и хибридната иднина“ ја отворив темата за Балканот како простор на прекршување. Во друг текст „Трагедијата на балканските народи: од национална гордост до синдромот на Касандра“ таа линија ја продлабочувам преку регионалната психологија: хроничната несигурност, натпреварот во жртвеност и чувството дека секоја заедница постојано е загрозена.

Токму во таква средина лесно се легитимираат затворените апарати. Кога нацијата постојано се убедува дека е опколена, безбедносната структура престанува да биде инструмент на државата и почнува да се претставува како нејзин скриен чувар. Критиката се прогласува за предавство, различното мислење за сомнително, а лојалноста за поважна од способноста.

ОЗНА, УДБА и претворањето на стравот во систем

Идеолошкиот преврт во Втората светска војна ја создаде ОЗНА – одделение кое всушност беше суровата тупаница и сабја која требаше да создаде страв од новата власт, да овозможи грабеж на златото и употребливите пари, како и одземање на приватниот имот и колективизацијата. Од оваа структура подоцна се создадоа цивилната УДБА, со задача да го штити поредокот од „внатрешен“ и „надворешен“ непријател, и воената КОС.

Тука е потребна аналитичка чесност. Социјалистичка Македонија не може да се сведе само на репресија, бидејќи тогаш се гради социјалната интелигенција на државата – универзитети, институти, академија. Но паралелно со тоа се вградува и принципот дека политичката подобност може да биде поважна од професионалната автономија. Ние наследивме институции, но наследивме и навика тие да бидат контролирани од затворени кругови.

Од „Анатомијата на заборавот“ до удбашката култура

Во „Анатомија на заборавот: како ја избришавме институционалната меморија?“ пишував за начинот на кој секоја нова власт го ресетира системот, го потиснува претходното искуство и ги заменува професионалците со свои луѓе. Одговорот за овој феномен лежи токму во оваа култура: институционалната меморија е опасна за секоја власт што сака да владее преку лична лојалност. Удбашката култура не го потиснува паметењето случајно, таа го прави тоа затоа што институционалното паметење ја ограничува самоволијата.

Во „Негативната селекција како владејачка логика“ го анализирав моделот „наше дете“. Тоа е моментот кога партиската или клиентелистичката блискост станува позначајна од професионалната биографија. Системот не го избира поединецот затоа што ги исполнува јавните критериуми, туку затоа што е „наш“.

Буџетот како плен, функцијата како награда

Ниту една ваква мрежа не може долгорочно да преживее без акумулација и плодење на капиталот. Затоа управувањето со буџетите, фондовите, тендерите и управните одбори премногу често се доживува како право стекнато со изборната победа.

Да бидеме директни: замислете дека една владејачка елита го гледа буџетот како маса на обрт на пари, на што има право на одреден процент. Да речеме, буџетот на фондот за здравство е повеќе од 800 милиони евра. Само 5% од тоа се 40 милиони евра.

Па како инаку ќе објасните дека на чело на еден таков фонд по правило мора да биде поставен партиски лојалист? Зошто тоа да не биде вработен од фондот, кој ги знае сложените процедури, надлежностите, основите за исплата, акумулираните системски проблеми и кој без проблем би можел на првиот состанок да распредели задачи? Но не – лојалноста и мрежата на луѓе од доверба се поважни од јавниот интерес.

Кога професиите молчат

Удбашката култура не би можела да преживее само благодарение на политичарите; таа опстанува и поради молчењето на професиите. Кај нас, за градоначалник или премиер, колку помалку знаеш за уставниот систем, филозофијата на правата и независноста на властите – толку подобро.

Како инаку ќе објасните дека секој втор врвен доктор сака да биде градоначалник во државата? Од работа со пациенти и огромен труд за стекнување на знаење, тој сака да оди да решава одвод, довод и да потпишува дозволи за градба.

За жал, ваквата култура е присутна и во високото образование, кое властите го сметаат за „дел од пленот“ кој треба да се подели по изборите. Критериумите како научна работа, импакт фактор и познавање странски јазици се користат само кога треба да се отвори фронт кон академската фела за да се манифестира сила, а се релативизираат кога треба да се избере „нашиот“. Ова не би било можно доколку колегите стојат до својот професионален интегритет и доколку не тргуваат за проректорски места и членства во комисии каде што се исплаќаат месечни паушали.

Пред две години кажав една реченица што и денес ја сметам за симптоматична: во 1995 година професор од мојот факултет сакаше да стане директор на тогашната Служба за државна безбедност, а дваесетина години подоцна директор на службата сакаше да стане професор. Оваа инверзија покажува што се случува кога границите меѓу академската, политичката и безбедносната моќ стануваат нејасни.

Од присила кон самоодржливост

Ако удбашката култура се роди под закана од присила и страв, денес таа е станата самоодржлива од длабоко меѓусебно поврзани финансиски мрежи и мрежи на трговија со влијание. Денес системот не мора да испраќа полиција на врата. Доволно е да контролира именување, грант, тендер, унапредување или медиумски простор.

Така стравот постепено се претвора во интерес. Мрежите стануваат самоодржливи затоа што нивните актери зависат едни од други. Тие можат јавно да бидат политички спротивставени, но брзо се обединуваат кога ќе се појави опасност за правилата од кои сите профитираат.

Излезот не е во нов лов на „удбаши“, што само би ја репродуцирало културата на етикетирање и пресметка. Излезот е во промена на правилата: јавни и образложени именувања, проверливи критериуми, вистинска автономија на професионалните заедници и одговорност за јавните пари.

Кога еснафите: лекарите, професорите, судиите, не застануваат категорични и заедно да кажат јасно „не“ во име на заедничкиот простор, нема надеж за напредок. Без тоа, „нашето дете“ секогаш ќе биде поважно од способното дете. А држава што постојано ги избира своите наместо најдобрите, на крајот останува и без своите и без најдобрите.

 


Проф. д-р Александар Иванов е редовен професор на Факултетот за безбедност – Скопјe, специјализиран за безбедност на животната средина, меѓународни односи и трансформација на безбедносната наука во оперативна реалност.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани. 


Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.

Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.

Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.

ShareTweetSend
CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДИСКУРС
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ