Студентите Албанци најавуваат нови протести по средбата со министерот за правда Јетон Шасивари, на која не беше постигнат договор за полагање на правосудниот испит на албански јазик. Но, ова не е првпат нивното незадоволство да се пренесе на улица. На 6 април и на 18 мај, студентите веќе протестираа во Скопје, барајќи да им се овозможи правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.
Шасивари нуди решенија или одолговлекува?
На вчерашната средба, Шасивари предложил 12 предмети да се полагаат на албански, а два практични предмети на македонски јазик. Студентите не го прифатиле предлогот и останале на барањето целиот испит да го полагаат на албански јазик. Министерот најави продолжување на консултациите и можност за барање мислење од Венецијанската комисија. Останува отворено прашањето дали министерот е во позиција да понуди вистински решенија или е принуден да одолговлекува.
По повеќемесечни реакции, протести и политички препукувања, прашањето сè уште нема решение прифатливо за студентите. Затоа, најава за протести на улица не е почеток на незадоволството, туку продолжение на спорот што институциите досега не успеаја да го разрешат.
Во меѓувреме, студентскиот револт повторно ги полни улиците во Европа. Во Албанија, студентите и младите се дел од пошироките протести против корупцијата, состојбите во институциите и недостигот од перспективи. И во други европски земји младите излегуваат на улиците поради образованието, животните услови и незадоволството од политиките на властите.
Што им преостанува на студентите?
Скопје веќе беше сведок на протестите на студентите Албанци. Ако институциите не понудат јасно и правно издржано решение, на студентите повторно ќе им остане улицата како начин да извршат притисок и да побараат одговорност.
Во позадина останува и политичкиот спор што започна со претходниот министер за правда Игор Филков, кој тврдеше дека правосудниот испит, како стручен испит, се полага на македонски јазик.
Демократската унија за интеграции (ДУИ) го оспоруваше тој став, повикувајќи се на Законот за употреба на јазиците. Така, барањето на студентите стана и предмет на партиски препукувања, во кои власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваа наместо спорот да се разреши со јасни правни аргументи.
Каде е одговорноста?
Одговорноста е кај институциите. Потребни се транспарентни консултации, јасно образложена правна позиција и решение што ќе ги земе предвид релевантните законски одредби. Политичките партии, пак, треба да покажат дека правата на студентите не се само тема за дневнополитички пресметки.
Премиерот Христијан Мицкоски и коалицијата ВЛЕН декларативно го поддржуваат решавањето на прашањето за правосудниот испит на албански јазик, но политичката одговорност главно ја префрлаат врз ДУИ, обвинувајќи ја дека не го решила проблемот во времето кога била на власт. Мицкоски најави работа на решение со група уставни експерти, додека ВЛЕН тврдеше дека работи на исполнување на барањето на студентите.
Но, по повеќемесечни најави и две претходни студентски протестни мобилизации, средбата одржана на 19 октомври 2026 година меѓу студентите и министерот Шасивари повторно заврши без договор.


Прашањето што останува е дали политичките ветувања ќе се претворат во решение што студентите ќе го прифатат или Скопје повторно ќе биде место на студентски протести.
Дехран Муратов
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












