Љубомир Костовски
Отишол селанец на сточен пазар да ја продаде својата крава. Сите знаат дека таа не може да роди теле, јалова е. Не дава ниту млеко. Што ќе стане со обидот за продажба? Па ништо, ќе си ја врати кравата дома. И ќе ги обвини соседите дека ширеле паника, па пазарот не му успеал.
Вака некако ми личи нудењето на Алта банка Битола од страна на Мицкоски и гувернерот Славески на продажба на други банки. Пардон, премиерот вели дека во предвид доаѓаат и други финансиски институции (демек инвестициони фондови, да појасниме).
По целиот резил за државата и партијата што ја води, во која имавме префрлување на вината во еден триаголник (Славески и министерката за финансии во стартот, па го смешаа и премиерот кој, секако, кај нас е неизбежна „мирудија“ за било која сфера во земјава), па сега Мицкоски добива приоритет во „лекување“ на ситуацијата.
Гувернерот некако го снемува, а за министерката за финансии и да не зборуваме. Е сега, тој веднаш обвинува дека опозицијата шири паника, а како одбрана на ситуацијата во која, нели, нема причина за загриженост!
Најнапред, разговор за купување не значи и – преговори за купување!
Тоа е некоја нова фаза, ако се помине првата. Притоа, ситуацијата е многу посложена, а за тоа секако ќе се погрижи стечајната управа на Алта банка Белград (мајката на истата), најверојатно Агенцијата за ризици на Србија, бидејќи сопственикот на над 90 отсто од акциите е човекот во притвор, Мацура.
Купувачот треба да ги купи неговите акции, а како продавач може да се третира и споменатата Агенција која не мора да се согласи со продажбата или со условите, сметајќи дека не се добри. Згора и поважно – може таа Агенција да ги смета добиени пари од купопродажбата и како дел од купот на побарувања кон своите клиенти и штедачи!
Веќе сега е јасно и дека лесно може да поминат оние три месеци што според закон може да постои управата од понудената форма над битолската банка, а потоа треба да се бара друго институционално решение.
А да прашам – има ли банката во Битола толку актива за и натаму да ги строи пензионерите пред вратите на објектите на Алта банка, ако реално вистинско банкарско работење со доволен приливи на пари – не постои? Или за тоа не треба да се говори. Некому ќе му се расипе апетитот при појадокот?
Сега слушам дека Вучиќ, по тертипот на македонското решение коментира дека Алта банка Белград требала да добие времени управители, а да не оди под стечај. Размислува на иста фреквенција со Мицкоски – тоа била ликвидна банка и слично. И додава дека отишла под стечај бидејќи е единствен коридор за парични текови кон Русија која е во блокада.
Ова е интересна констатација.












