Политичарите секојдневно одржуваат прес-конференции, испраќаат соопштенија, даваат ветувања и разменуваат обвинувања. Но колку често навистина одговараат на прашањата што ги поставуваат граѓанките и граѓаните?
Токму затоа, ЦИВИЛ го отвора редовниот ГРАЃАНСКИ ФОРУМ за целиот викенд. Наместо однапред зададена тема, граѓанките и граѓаните самите одлучуваат што е најважно: проблем во нивната улица, општина, училиште или работно место, неправда во институциите, животниот стандард, корупцијата, здравството, образованието или политичките одлуки што ја определуваат иднината на земјата.
ГРАЃАНСКИ ФОРУМ / ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Ние прашуваме, тие (не) одговараат – која е вашата порака до политичарите?
Секое прашање е важно. Ниту една порака не е безначајна ако повикува на одговорност.
Критиките, пофалбите, предлозите и личните искуства се добредојдени. Поважно од политичките препукувања е да се слушне што навистина ги засега луѓето.
Напишете кому му ја упатувате пораката, што барате и зошто. Поставете конкретно прашање, посочете проблем или предложете решение. Коментирајте овде или на Фејсбук-страницата CIVIL.MK.
Не дозволувајте вашите прашања да останат неслушнати.
ЦИВИЛ е вашиот простор за слободно изразување и барање одговорност. Искористете го. Ние сме тука – заедно со вас.
Редакција ЦИВИЛ МЕДИА












