Оливер Андонов
Македонија е сѐ уште жива, барем како држава и нација, а и македонски народ – сѐ уште даваме знаци на живот. До кога? Е тоа не се знае. Но за да се спаси здравото ткиво на државата, на нацијата, на граѓаните и на општеството мора да направиме вивисекција на жив организам. Колку и да е болно тоа за болниот дел од организмот, но не помалку и за здравиот дел, од истиот тој организам кој мора да се соочи со сите хронични и акутно болни состојби, оваа вивисекција е неминовна. Неминовна е дури и за заздравување на нашите колективни когнитивни способности.
Пред сѐ, затоа што мора да се соочиме со нашиот јавен – меѓународен срам за да може да се излекуваме. Тој меѓународен срам или бламажа, мора да бидат разбрани од сите македонски граѓани, бидејќи Македонија е наша заедничка држава и сите ние треба да бидеме свесни за тоа како властодржците (на кој секогаш некој друг им е виновен) не бламираат пред целиот свет. Бламажа која ја отсликува Македонија како жива, но комирана, во која се продаваат ветер и магла и владее безидејност и апатија, а и бегање од одговорност и тоа токму на оние кои се најмногу одговорни според функцијата која ја извршуваат. Односно, се анестезира живото и здраво ткиво на државата за да може да надвладее болеста, но не и да ја умре во целост државата, барем не додека на произведувачите на болест тоа им одговара.
Кога би тргнале да ги опишуваме сите бламажи кои во минатото и ги направија на Македонија, македонската нација, разните кловнови, неграмотници и безличници на политикантската сцена, тоа би била цела книга во неколку томови, можеби со наслов „Трагичната најнова историја на Македонија“. Затоа во оваа колумна ќе се насочиме само кон неколку бламажи произведени во последниов период, а кои на некој начин се силно поврзани со регионални случувања од кој професор, доктор ем премиер Мицкоски сака да побегне, и тоа првенствено од одговорите кои ги должи на македонските граѓани и судот на домашната јавност. Но од судот на историјата нема бегање, нема бегање од моралниот суд пред македонските граѓани, а посебно од одговорноста пред законите на Македонија.
Безбедносна бламажа
Правилата за работа на безбедносните служби, во нашиот случај АНБ и нивните раководители, во нашиот случај тоа е Бојанчо наш, кој патем, сега, и до крај на живот ќе ја носи огромната бламажа за фалсификат на документи за да дојде до тоа место, се исклучително јасни. За нивната работа (на безбедносните служби) и спроведени активности не се зборува, барем не јавно на ачик, да се излезе како Сораја за блесав ПР. Еднаш напишав за тоа и сега еве повторувам „Quod licet Iovi, non liced bovi“ или „Тоа што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“.
Џон Кенеди му има кажано на Ален Далас (шефот на ЦИА) дека, парафраза – му е жал што луѓето никогаш нема да дознаат за неговите успешни и добри дела за националната сигурност на САД, но ќе го осудуваат за неуспешните кои по правило непријателот ќе ги објави во јавноста. Оттука, тоа што може без последици да го прави еден политичар, па и нека е под просечен како професор, доктор ем премиер Мицкоски, да создава празен ПР за себе промоција и замајување на македонските граѓани, не смее да го прави директорот на АНБ, па уште и во придружба на директорот на Бирото за јавна безбедност.
Едноставно, тоа што овие двајца bovi, како во улога на ликови од Мапет шоу го направија во врска со некакво си спречување на терористички напад – атентат, не знам точно што, на територија на соседна држава ги крши не само правилата на работата на службата за безбедност, туку и доброто однесување и свесност за сопствената позиција. Овие двајца, во улога на прости апаратчици направија ПР забава само за да извршат де-фокус од последователните случувања на директно загрозување на личната сигурност на граѓаните евидентна во две насилни случки последниве десетина дена и АЛТА банка која ви виси над глава како Дамоклов меч.
Повторно глупавиот ПР и изјава како на професор, доктор ем премиер Мицкоски дека: „Во воздушните напади врз Иран, Американските авиони полетуваат од Македонија“. Повторно јавно создавање проблеми со нашите стратешки партнери. Поедини операции мора да останат во тајност, а не пак да се измислува некаква „наша“ клучна улога во нешто што и не постои, а при тоа не можеш да дадеш цврсти докази – кои и не треба да ги даваш во јавност. Уште згора, да ги доведуваш партнерските и сојузнички држави во незавидна состојба, дали да те демантираат, или само да одмолчат на твојата глупост. Ами Шоиќ не ви е рамен – да ве немаше требаше да ве измислат. А како всушност функционираат безбедносните служби?
Па така, што додека се спроведува операцијата таа е тајна, а кога еден дел од неа ќе заврши не се обелоденува дека е завршена, па уште и да се дадат слики на организаторот на непријателската активност, туку се продолжува со акцијата се до степен на нивно врбување да работат за нас или сојузничката служба а со цел откривање на мрежата во целост и нејзино преземање и контрола од наша страна. Зошто е тоа така? Па затоа што кога јавно ќе кажеш дека таа линија – мрежа е уништена, непријателот ќе создаде нова уште по конспиративна и со посебно заштитен модел со што опасноста ќе биде уште поголема за националната сигурност, наместо да ја имаш под контрола мрежата и да превенираш идни ризици и закани.
Посебно е прашање, во конкретниот случај со Иран, каков е интересот на нашиот стратешки партнер кој води војна со Иран? Понатаму, каков е интересот на соседната држава каде што требало да биде извршен атентатот или терористичкиот акт, и дали метата нема да продолжи да биде мета на друга група, и како сега ќе биде заштитена?
Исто така, посебно внимание ми предизвика ликот (јавно објавен) кој се смета за организатор на групата. Тоа од причина што тој веројатно има многу што да каже за неговите врски, но неговото приведување и јавно објавување (во било кое време, дури и доколку кажал нешто) го компромитираат развојот на операцијата кон повисоките структури на налогодавачи и организатори. Секако, ме интересира и со кој тоа докази (кога веќе работата стана јавна) и кој суд во Македонија ќе ги осуди приведените и веројатно обвините за организирање атентат или тероризам на лице во соседна држава?
Многу прашања на кој не верувам дека ќе добиеме одговор, затоа што целата оваа ПР будалаштина беше само една бламажа на Македонија за која веќе ни се потсмеваат, дури и нашите партнери и сојузници – исто како и за полетувањето на авионите. А и искажувањето на грчката страна преку портпаролката на МВР, укажуваат дека информациите се добиени од македонската страна без конкретни имиња на извршителите и дека истрагата е се уште во тек. Оттука, по се изгледа дека нашите ПР ѕвезди малку се истрчаа. Каква дистопија и кафкијанство.
Но јас имам уште една поука за раководителите на АНБ и БЈБ. Дечки, постоењето на службите (АНБ и БЈБ) не е тајна. Тие се јавни државни служби формирани со закон и исто така со закон се регулирани нивните надлежности и опис на работа. Тајни се методите и начинот на работа. Токму со вашето обелоденување на една ваква операција, доколку навистина се случила (оној „организаторот-Иранец“ од сликата, многу ми личи на еден мој пријател, наш партиски член), е сериозен проблем. Втор проблем е тоа што двајцата „директори“ се јавни личности кои не треба да бидат толку јавни, туку да си бркаат организациски работи на службите и да не прават ПР забави за одвлекување на вниманието на јавноста, кога нивниот драг и непрежален шеф ќе заглави во сопственото политикантско мочуриште.
Оттука, едно директно прашање до директорот на БЈБ: „Чија е одговорноста за не соодветно и навремено постапување на полицијата во врска со насилството врз жени“. Една сериозна појава која многу повеќе го вознемири македонското општество за разлика од забавата со Иранците и атентатот или теорризмот беше, кои се само интересни за граѓаните и плетење приказни. На овој начин дечки, не покажувате сериозност и божем работа, туку не бламирате пред партнерите и сојузниците кои ни се потсмеваат.
Животинско-државна бламажа
Тоа што се случува во Крива Паланка со кравите е вистинска бламажа за неспособноста на државата. Бламажа која се рашири низ Европа, а слушам и во Австралија и низ светот, и сите ни се смеат в очи е уникатна.
А проблемот со кравите на онаа „мисицата“ од Крива Паланка сместена во периметарот на професор, доктор ем премиер Мицкоски не е од вчера. Доколку не сме со кратко паметење, тој проблем настана уште пред три години и тогаш професор, доктор ем премиер Мицкоски, иако оваа девојката со кравите, беше наш член а во неговиот периметар, го употреби целиот случај како политичка основа за пресметка со Љупче, познат како путерот. Е ама, путерот се стопи, Љупче си остана да си тера опозиција во Собрание, ама и кравите сосе краварката му останаа во мираз на професор, доктор ем премиер Мицкоски.
Се криеше проблемот две и половина години се правеа дека не го гледаат, но состојбата стана не издржлива за граѓаните на Крива Паланка поради штетите кои животните ги прават врз имотот на луѓето, а нели личната безбедност е поврзана и со безбедност на имотот. Уште и не е безбедно во градот да ти шетаат по улица животни кои може и да повредат некого, бидејќи се работи за несловесни битија. Ама и му текна на градоначалникот на Крива Паланка, Сашо Митевски, дека овој револт на граѓаните може убаво да си го искористи како што во обратна насока тоа го правеше „нашиот“, пардон, на Арсенчо зетот, ем пратеник Емилчо пред изборите.
Си ги собра Митевски загрижените граѓани, па така колективно пред камери му ја испорачаа сметката директно на професор, доктор ем премиер Мицкоски. А кому друг, кога самиот тој е нели алфа и омега за се во Македонија, но не е виновен за ништо. Сето тоа отиде во етерот и ете наша Македонија и мојата родна Крива Паланка завршија во европските и светски медиуми, како елемент за бламажа и подбив на државата и нејзино окарактеризирање како потполно неспособен систем да се справи дури и со едни обични крави.
Наравоучение. Ами зошто ти професоре, докторе ем премиере Мицкоски не остави простор тогашното СДС на Ковачевски познат како Ќурка, да се забавува и да го реши овој проблем, па ти сега да го немаше. Вака испадна работата, „со свој камен – по своја глава“. Ама проблемот не е твојата глава професорска ем премиерска, туку проблемот е што ја донесе Македонија и сите нас во состојба на европска – меѓународна бламажа и маките кои ги имаат македонските граѓани, не само во Крива Паланка.
Ова однесување на професор, доктор, ем премиер Мицкоски токму ја дава вистинската слика за тоа дека ликот нема намера и не е способен да реши ниту едно нај едноставно прашање – проблем во Македонија, а не пак да постапува државнички и да донесува стратешки одлуки. Впрочем не ни знае што се тоа стратешки одлуки и врз што се темелат во донесувањето и спроведувањето – реализацијата.
Банкарска бламажа – во продолженија
Ова бламажата со Алта банка ќе биде шпанска серија. Барем така изгледа засега. Но токму таа серија со не согледлив крај ја става Македонија повторно на бламажа пред меѓународната јавност а посебно пред меѓународните финансиски институции.
Најавата дека на 30-ти Ноември ќе се започне со продажба на Алта банка – Битола ќе предизвика такви проблеми за Македонија а можеби и за сите нас преку односите во банкарскиот систем поради што може да кажам дека сум сериозно загрижен.
Во Србија, забрзано се движат промените. Дури ни перформансот со говори на Вучиќ (кои веќе го нарекоа „вербална дијареја“), а кои човек не може да ги слуша доколку не е од Јамајка и напушен, па да ги разбере како смешни раскази, а при тоа да не добие вистинска дијареја, нема да ги успори промените.
Тоа за нас значи дека уривањето на системот во Србија, вклучително и во однос на Алта банка ќе значи дека српската држава како нов сопственик на банката во стечај ќе бара увид во состојбите на клонот на банката во Македонија. Евентуалната присилна продажба и тоа само на некоја домашна банка која сериозно ќе го уцени Мицкоски нема да заврши без последици и можеби меѓународна арбитража која би ја барала Србија, и во никој случај нема да исклучи сериозна истрага за текот на парите и сознанијата за работењето и трансакциите на банката во Македонија.
Тоа по автоматизам значи дека Трајко на прво место е пиииип, а тоа не може да заврши без политички скандал врз професор, доктор ем премиер Мицкоски, што пак ќе предизвика уште една голема бламажа за Македонија. Бламажа која ќе трае долго и надвор од границите на Македонија и регионот.
Патем да ви споделам една информација за работењето на Алта банка, посебно со „специјални“ клиенти од Русија и со оние со повеќе пари, а што несомнено во однос на готовинските трансакции и влогови во Алта банка – Битола ќе биде дел од истрагата која ќе дојде од Србија. Сите знаете дека банките не смеат да примат влог во готовина поголем од 10.000 евра. Но, Алта банка примала готовински влог неограничено голем, па така сте можеле без проблем да внесете на ваша или туѓа сметка во Алта банка и износ поголем од 10.000 евра во готовина а за тоа никој ништо да не ве праша.
Кој ги донел тие пари, колку се, и каде завршувале, на крајот важно е и не е важно, бидејќи каде оделе од банкарските сметки, или пак се подигале на други дестинации и од други сметки и лица е лесно утврдливо, но несомнено е важно дека банката служела како пералница на големи суми пари, а посебно е важно какви финансирања и операции се вршеле преку овие трансакции.
Токму ова ќе ги интересира новите власти во Србија и тоа многу ќе ги интересира, бидејќи се исчезнати многу пари од трезорот на Алта банка, а Алта банка – Битола не е македонска банка, туку српска банка, my dear Trajko and professor, doctor and prime-minister Mickoski. Ете затоа ќе бидеме предмет на бламажа и тоа сериозна, само да почекаме. А ќе има и лични бламажи на ликови кои професор, доктор ем премиер Мицкоски ги има вовлечено во дупката на Алта банка, но и истражни постапки – се во свое време.
За другите бламажи кои како удел на долговите и бизнисите кон и со Вучиќ, допрва ќе гледаме трагедии и комедии – кој како ќе си го разбере, но секако најмногу ќе се бламираме пред нормалниот свет. За тоа ќе пишувам во друга колумна, а можеби и без пишување да гледате. Засега само ќе напоменам дека СНС на Вучиќ е пред вратата да бидат исклучени од ЕПП. Со оглед на тоа какви сѐ се поврзаностите на професор, доктор ем премиер Мицкоски со другар му Вучиќ, имам некое чувство дека овие бламажи ќе продолжат и за нашата ВМРО-ДПМНЕ во ЕПП.
Црковно – политичко зависна бламажа
Бев во дилема дали да пишувам за оваа бламажа за која веќе јавно говорев во интервју и низ кратката преписка со Петар (по занимање Митрополит). Очигледно дека Петар го разбра, и тоа целосно, мојот одговор на неговиот „демант“ на моето интервју. Ја разбра и мојата порака и мојот сарказам, за разлика од некои од кој и не очекував такво нешто или од оние (оци) кои по службена должност мораат да му се додворуваат или пак корисните идиоти и ботови кои постапуваа по задача. Тоа што е забележливо се два сегменти:
Прво, рашистичките орки и целата рашистичка пропаганда насочена во МПЦ-ОА се сврте против мене, а што значи дека многу ги боли кога ќе се каже вистината и ќе се разоткријат „активностите“ на некои наши божем великодостојници.
Второ, јавната бламажа на дел од Синодот на МПЦ-ОА и посебно Петар а во врска со тргни-застани, сакам-не сакам, односите со Константинопол и несомнено сликата која како не сериозност ја остава МПЦ-ОА пред другите Помесни Православни Цркви и штетата врз МПЦ-ОА.
Оваа бламажа на не сериозност ќе имаме можност да ја видиме во еден одблесок и од патувањето на Георгиј и Климент на роденденската забава на Кирил во Москва на која сигурно ќе се подружат со луѓето на Малофеев, на некои други институции на Русија, но и со Кирила (да бидат поучени), но и со Порфириј и Јоаникиј (од СПЦ) кои ќе бидат таму. Насоките што ќе ги добијат ќе бидат потврда на бламажата но и со висока цена. А дедо Петар се избламира со самото тоа што не го заврши започнатото.
Тоа дека имаше историска шанса да биде најголем во историјата на современата Охридска Архиепископија во лицето на МПЦ-ОА е несомнена шанса која не се дава секој ден. Но на кого колку му е дадено. Јас само ја искористив мојата слобода пред Бога, но и како универзитетски професор, кој токму нема амбиции во Црквата, но и како Македонец, кој не сака да ја бламира сопствената МПЦ-ОА поради стравот и неспособноста на некои лица, поради што јавно проговорив за оваа бламажа пред Константинопол и други, впрочем, како што му ветив на Петар. А јас ветувањата ги одржувам, за разлика од други кои се подготвени на лична бламажа која сакаат да ја префрлат врз целиот народ и држава, а во овој случај и Црква.
Туку навистина, што правиме оци синодски, доколку Иринеј Буловиќ се упокои (или цапне како што велат во Србија), а Порфириј остане малку осамен наспроти внатрешната опозиција? Има ли врска патувањето на Јоаникие во Москва со Порфириј и што ќе им кажат на Георгиј и Климент да му пренесат на Стефана? Сложено прашање со многу потенцијал за натамошна бламажа, но не само на МПЦ-ОА, туку и на цела Македонија а од која нема да биде поштеден ниту професор, доктор ем премиер Мицкоски.
Ви реков, има многу бламажи, не може да ги доредиме, па така си дозволив да направам избор по сопствено видување. Сосема доволно за една јасна вивисекција за да видите колку сме болни и дека треба да се лекуваме, агресивно и брзо лекување, напоменувам, агресивно лекување. Филипче од СДС полу разбудено, верувам дека знае што значи агресивно или интензивно лекување на заболен организам во медицина, не сум сигурен за политичко разбирање и знаење. Но има други што разбираат и знаат и кој исто така ја гледаат бламажата на Македонија и се срамат.
П.С. Бојанче, а Ел Масри!? Прашај ги твоите ментори. Двајцата, кој денес како кловнови се дел од патувачкиот циркуз на професор, доктор ем премиер Мицкоски. Актери во една најголема БЛАНАЖА на нашите служби за безбедност. Тие беа активни протагонисти во случај кој Македонија ја чинеше стотина илјади евра!!!
Проф. д-р Оливер Андонов е професор на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
НАПОМЕНА НА РЕДАКЦИЈАТА: Овој текст е авторски став. Изнесените мислења, оценки и заклучоци се лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на редакцијата на ЦИВИЛ МЕДИА или официјалните позиции на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Авторските ставови се објавуваат во согласност со принципите на слободата на изразување и редакциските стандарди за професионално и одговорно новинарство.
Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА | Сите права се задржани | За преземање на оваа содржина, испратете барање на: info@civil.mk
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.












