Русија ноќта меѓу 25 и 26 ноември изврши нов напад врз украински градови со балистички ракети и беспилотни летала. Во Киев беа повредени седум лица, а погоден беше трговски центар, како и други објекти во градот.
Во Харкив, руски дрон погоди стан во повеќекатница во населбата Новобаварски. Во нападот загинаа маж и жена, брачен пар на возраст од 37 и 38 години. Според локалните власти, дронот го погодил станот на 15-тиот кат, по што избувнал пожар.
Според украинските воздухопловни сили, во текот на ноќта Русија употребила балистички ракети и 113 ударни беспилотни летала, од кои 76 биле млазни дронови. Украинската противвоздушна одбрана неутрализирала 87 дронови, додека удари биле регистрирани на 20 локации.
Лариса Дир: Одговорот на теророт е противвоздушна одбрана за Украина
Украинската амбасадорка во Северна Македонија, Лариса Дир, во објава на платформата X ги посочи нападите врз Кијив и Харкив, нагласувајќи дека последиците од руските воздушни напади повторно ги чувствуваат цивилите.
„Одговорот на теророт – ПВО за Украина, засилен притисок врз РФ и контрола на извозот за западните компоненти да не станат оружје на РФ“, порачува Дир.
Ноќеска рф го нападна Кијив со балистички ракети: 7 повредени, погоден трговски центар. Во Харкив руски дрон уби брачен пар во повеќекатница. Одговорот на теророт – ПВО за 🇺🇦, засилен притисок врз рф и контрола на извозот за западните компоненти да не станат оружје на рф. https://t.co/pOQmmqqmfX
— Larysa Dir (@dir_larysa) November 26, 2026
За Украина, противвоздушната одбрана, воената помош и контролата на технологиите што ја користи руската воена индустрија остануваат непосредни безбедносни приоритети.
WGO | ЦИВИЛ












