Привршуваат подготовките за вечерашната централна прослава на Денот на независноста, 8 Септември, што ќе се одржи пред платото на Владата на Република Македонија. Според најавите, премиерот Зоран Заев ќе има свое обраќање во 19:30 часот. Прославата е под мотото „Македонија слободна, слободно живее“.
Ќе бидат поставени интерактивни уметнички инсталации, ќе биде изведена детската претстава „Маша и нејзината приказна“, а танц студиото „Данцерс Унитед МК“ ќе изведе инклузивен танцов настап на професионални танчари со типичен развој и со танчари со попреченост.
Свој настап ќе има гудачкиот квартет „ВИВА Стинг“, хорот на Македонската опера и балет, „Биг Бенд“ од здружението на џез музичари на Македонија, групата „Љубојна“ со специјалниот гостин Џамбо Агушев, Бени и неговиот бенд „Нон-Стоп“ заедно со Златко Ориѓански, Влатко Стефановски Трио, Кпурдат, Шутка Рома Рап и Слаткаристика.
На 8 септември, 1991 година, граѓанките и граѓаните на Македонија на референдум, изгласаа Македонија да биде самостојна и суверена држава.