Со сета должна почит кон Вас, големите лидери на оваа трагикомедија од предизборна кампања, но вчерашниот, десетти ден, Ви е тотално промашување.
Ниту 150.000 нови вработувања кои ги наговести Груевски од Битола, во ек на предизборна кампања за локални избори (да, знам, време е да му шепне некој дека се работи за предизборна кампања за локални избори, не за негова лична промоција, и побогу, време е да му се шепне дека одамна не е премиер, туку лидер на партија која е во ситуација на комплетно реформирање, и дека деновите му се броени, како во партијата, така, бар се надевам, и на слобода…), ниту најавите на Заев од Бутел за новиот начин на управување со Скопје, не успеаја да допрат до граѓаните онака, како што успеа едно мало дете.
Дете? Да. Дете! Ви текнува? Едно мало, живо, искрено суштество, толку пати злоупотребено од Ваша страна, Господа!
Видеото е постаро, објавено е во 2014 година, а вчера повторно акутелизирано на социјалните мрежи, но совршено го опишува она што им го сторивте на нашите деца.
Едно мало дете, Ви ги поби сите предизборни ветувања, сите проекти, сите замисли за живот во новата ера за сите! Едно мало дете, во неколку минути Ви порачува: Лажете господа!
Тоа мало дете, совршено Ве опишува вас, големите ѕверки кои ќе донесат мед и млеко во оваа земја. Погледнете го. Тоа сте Вие!
Вие кои ги вадите децата од училишните клупи за да делат промотивни материјали за Вашата партија.
Тоа сте Вие, господа, во ликот на едно мало дете, Вие, кои ги оставате учениците без наставници за време на настава, затоа што побитна Ви е нивната политичка активност од иднината на нашата земја.
Тоа сте Вие, господа, кои ги оставате децата без своите родители.
Тоа сте Вие, господа, кои ги оставате децата без детство! Ги контаминиравте до таа мера што повеќе ниту нив не можете да ги лажете!
Тоа сте Вие, господа, кои ги оставивте децата без сништа! Без надеж! Без верба во подобро утре.
Тоа сте Вие, господа, кои им ги скративте крилјата и ги втурнавте во вашата бескомпромисна борба за моќ и власт. Да не се лажеме, за друго и не се борите!
Тоа сте Вие, господа, кои ветувате градинки, училишта, игралишта, спортски терени и болници, ветувате сè, само не – иднина за овие деца! Можеби и подобро. Ветувањата секако ќе останат неисполнети, а децата сами ќе се изборат за својата иднина, што подалеку од дома…
Маја Ивановска