(од дневникот на една набљудувачка на ЦИВИЛ)
Набљудувачка на Цивил, во текот на денот за локалните избори, има нотирано неколку забелешки кои се однесуваат на изборниот процес, односно, за текот на гласањето.
Од извештајот на нашата набљудувачка, којашто ја покриваше општина Бутел, конкретно О.У. “Петар Здравковски – Пенко“, се евидентирани неколку неправилности од гласачите, како и од изборната администрација.
Околу 9 часот наутро, имало физичка пресметка меѓу две лица внатре во објектот на училиштето. Полицијата на време интервенирала.
Тоа што ЦИВИЛ го најави пред одржувањето на локалните избори во врска со избирачкиот список, се докажа и на денот на гласање.
“Во избирачкото место 2912, општина Бутел, граѓанката И.Б.С., не се пронајде во избирачкиот список, така што и беше оневозможено да си го реализира своето демократско право, правото на глас“ – нагласи набљудувачката на Цивил.
Исто така, околу 15 часот, еден гласач, внатре во истото избирачко место на сите присутни, гласно нудел по 1.000 денари ако гласаат за СДСМ, а на таа негова понуда само претседателката на избирачкиот одбор, С. Г., му се обратила со зборовите -“многу си убав“.
Ф.Х.