Прес конференцијата за наодите од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ започна со видео изјава од граѓанин кој е избришан од Избирачкиот список, а наспроти ветувањата од ДИК, сè уште не е на списокот. Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, сподели дел од анализата на ЦИВИЛ за работата на ДИК со јавноста и најави дека може да се очекува повреда на правото на глас на изборниот ден, како што беше случај со изборите во 2016 година.
„Имаме безброј примери дека администрацијата на ДИК не успева да им излезе во пресрет на граѓанките и граѓаните. Имаме ситуации кога граѓаните реагираат дека имаат фантоми на своите адреси, а потоа, во корекцијата на Избирачкиот список, токму тие граѓани кои го пријавиле тоа, да исчезнат, а да останат фантомите. Исто така, и во овој период фантомите се селат од една на друга адреса. Во еден случај имаме коригиран Избирачки список во кој останува само еден фантом, а по извесно време по проверката на тој фантом му се придружува уште една фантомка“ изјави Дерала.
Што се однесува до ДИК, и покрај тоа што ги пофали за нивно подобрување во однос на транспарентноста, Дерала сепак изрази надеж дека поканите за прес-конференции и за седници на ДИК нема да стигнуваат 19 минути пред почетокот, со оглед дека седниците се често во попладневните часови.
На почетокот на прес-конференцијата беа презентирни основните податоци за мониторингот на ЦИВИЛ-Центар за слобода. ЦИВИЛ ќе ги набљудува локалните избори со вкупно 191 акредитиран набљудувач.
„ЦИВИЛ покрај интензивната соработка со своите набљудувачи, соработува и ќе соработува со граѓанските новинарки и новинари, како и со соработниците и дописниците на ЦИВИЛ Медиа“, истакна Дерала.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски