Мамудије Исмаили од скопското село Ласкарци е една од многуте граѓан(к)и кои не можеа да гласаат на првиот круг на локалните избори што се одржаа на 15 октомври, затоа што ги немаше на Избирачки список. Мамудије не можеше да си го оствари правото на глас, иако на претходните избори ја имало на списокот и гласала?! Таа не сакаше да зборува пред камерата на граѓанскиот новинар, Вулнет Махмути, но вели дека сака да гласа на избори, бидејќи тоа е нејзино загарантирано законско право.
Нејзиниот брат, Џелал Исмаили, успеал да гласа, бидејќи бил на Избирачкиот список.
„Проблемот е што член од моето семејство не се наоѓа на Избирачкиот список, но не само таа, туку и секој втор граѓанин се жали, треба да се реши проблемот – зошто се избришани граѓаните од Избирачкиот список“, истакна Исмаили.
Тој додава дека од избирачкиот одбор ги упатиле да се обратат до Општинската изборна комисија, да ја заведат сестра му, Мамудије за таа да може да гласа на следните избори.
На 29 октомври ќе се одржи вториот круг на гласање, на кој ќе се избира и градоначалник на Општина Сарај.
ЦИВИЛ – Центар за слобода апелира до Државната изборна комисија да изнајде начин да им овозможи на граѓанките и граѓаните да го остварат правото на глас.
Вулнет Махмути