По некој ред на нештата, мислам дека би било редно, ретроспективно да се потсетиме на се што се случуваше во нашата земја во изминатата година. По некој ред на нештата, писаниево би требало да почне со некаква саркастична, или иронична, или провокативна, или осудувачка реченица, како што, нели, е својствено за моето изразување, според досегашните оценки и проценки на читателите на моите неколку објавени писанија. Не грижете се, ќе има од се помалку, а од нешто и малку повеќе. Се потрудив, но некако не можев да најдам позитивна појдовна точка којашто би била водилка низ сето мое денешно писмено обраќање. За жал.
Ќе се задржам кратко на одредени ликови од минатата власт, а сегашна опозиција, и се уште – претседателот на – се уште – Република Македонија. Најсериозно, зошто токму овие ликови се уште се омилени и најтретирани ликови во разни анализи од голем дел познати и признати аналитичари и колумнисти? Нели требаше до сега да бидат во затвор? Или најмалку, во притвор, без право на кауција! Некако ми личи дека намерно се одржуваат во „живот“ пред јавноста, со детални анализирања за секое нивно движење, ако не и некои други поинтимни дневни активности, за да се отргне вниманието од вистинските чинители на една „нова“ политичка и општествена реалност којашто ни се случува пред нос. И побогу, како досега не се направи една масовна граѓанска иницијатива за конечно да му се каже збогум на овој или оној начин, на лицето што седи на Водно и упорно изигрува дворски шут, до неодамна на партијата му, а сега на неговиот двор или во некој негов измислен свет? Или пак, и тој служи како непресушен извор на дневна дистракција за широки маси…Сериозно, најсериозно, има и други, на тони, ликови со коишто би требало да се позанимаваме. Ако тоа го дозволат, некаде помеѓу јавните „јас ќе ве искарам – а вие лутете се пред народ“ настапи, и нивните жалопојки дека не е толку лесно да се исправи кршот што го оставија погоре спомнатите, нормално. Ќе ги потсетам дека молеа и пустеа ( а некои и плаќаа) за народот да ги изгласа, за тие да го „средат“ кршот за којшто сега се жалат. Низ градов се шепка, а можеби и низ други градови и села ( секој ден се повеќе), дека во суштина не се сменило ништо, освен играчите.
Велам дека ниту играчите не се сменети. На пример, г. премиер Заев, колку што го држеше гласот, пред еден цел народ минатата година тврдеше дека нема да соработува, а камоли да прави влада со криминалци. Веројатно мислел само на криминалците од ВМРО-ДПМНЕ. Овие (криминалците) од ДУИ му се добри за соработка и донесување решенија. Најверојатно некаде низ ходниците на владата им, или собранието, сеедно, или по некои други ( за нас, добро – не баш за сите нас) непознати ходници или тунели, им се сретнале чеканите (читај -интересите), или пак, некој друг чекан ги дотерал во еден ист ходник. Или, можеби не е чекан. Ветер ќе да е. Антипасат, со јачина доволна да сврти глава три пати околу врат и да остане на трупот.
Да кажам нешто околу многу освестената јавност, во која сигурно дека спаѓам и јас. Или не, мислам дека јавноста веќе е доволно зрела и не може да се манипулира со неа, со исклучок на еден дел од јавноста којашто сама себе си се манипулира на дневна основа, дури и по неколку пати дневно, не од друго, туку од страв. Страв од што? Или, од кого? Бидете така.
Парламентарни избори, 27 април, лето, баби, летаргија, апатија, очекувања, преидзборна кампања за локални избори, фестивали и понекоја турбо журка по митинзите за предизборната кампања , чоколадни бонбончиња со ликови на кандидати, разни кандидати, малку вистински квалитети во изборот на кандидатите, премиер што лобира за кандидат на криминално здружение, упсс…извинете, за кандидат од коалицискиот партнер во новата им влада, премиер од град во град ( и по некое село) води предизборна кампања, премиер со најгласни говори по митинзи на предизборна кампања за локални избори, премиер ваму, премиер таму, дечко за све!
И нови вработувања, пи-ар, пи-ар, пи-ар, советник, советник, оп специјален советник, пи-ар, преведувачи, преведувачи, пи-ар, советник, преведувачи…Не знаеме кои ни се министри од волку многу …пиари! Под п-р се подразбира личност – потпорен (ѕ)рид на одредено министерство и секако – на премиерот, за ако и кога некој ќе се осмели да каже нешто за работата на нивните претпоставени ( или не дај боже критика), да ги бранат со топови. На Фејсбук. И не знам што преведуваат преведувачите, соопштенијата во најголем број се само на еден јазик, веб страниците исто така…Ајде, добро, подобро тие отколку нови министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Додека се занимаваме кој, каде, како и што кажал, или што не кажал, во Македонија расте стапката на сиромашното население. Секојдневно се бара помош за семејства без основни средства за живот, секојдневно се бара помош за болни лица коишто немаат средства да се лечат. Неказнивоста е се уште стил на живеење за одредени слоеви во општеството, и како последица на тој начин на живеење, на речиси секои петнаесет или дваесет дена се случуваат убиства, исчезнуваат малолетници, и уште многу други работи за коишто МВР молчи. Нека молчи, но нека работи!
Вели премиерот, на едно опширно ТВ-интервју минатата недела, меѓу другото, со израз на лицето како новооткриен месија, но со очите никако да застане на едно место ( што е несвојствено за еден месија) – министерството за здравство никогаш не било „таксано“ за Алијансата за Албанците. Ова тој сериозно го тврди пред цела јавност. Таравари бил именуван за министер за здравство заради самиот Таравари, така вели премиерот. А Таравари бегалката, друга приказна, за него малку подолу. Вели премиерот, владата има надлежност врз малку работи во државата. Владата не може да решава за судсвотото, имало одредени тела за тоа. Владата не може да решава за спречување на загадувањето, имало министерство за тоа. И дека Владата нема зошто да менува закони, тие си постојат! Владата не може да решава за проблемите во здравството, имало министерство за тоа, патем, кажа и дека најновиот министер за здравство бил негов советник, како така се сомневме во него ( во способностите на новиот министер, Филипче). Се сомневавме и во Таравари, па човекот реши да си ја напушти функцијата како „врапче“.А само што почна да се загрева во работата за којашто со голема гордост најавуваше дека ќе ја врши, уште пред да биде именуван, и реши да не ослободи од сомнежите. И да оди да го средува Гостивар, откако премиерот жестоко лобираше за неговиот опонент. И, Таравари го доби Гостивар. Или, го купи?!
Многу работи кажа премиерот наш на интервјуто, коешто, да бидам искрена, се приморав да го изгледам до крај, за да не ми остане минимална надеж дека човекот сепак има свое јас! За него, краткорочно, за среќа. За нас, ако нема нови избори во поскоро време, за жал. Имам енергија да дробам уште неколку страници, поединечно за секого од новата власт, како што на пример заборавив да го спомнам г. Зиадин Села, којшто се уште не може да се ориентира во новото издание на владата, што по своја заслуга, што по заслуга на – во моментов – најјаката синдикална мафијашка организација – ДУИ, во тесна соработка со г. премиер Зоран Заев. Најново од него е дека ќе излезе од владата на денот на изгласувањето на законот за јазиците. Излезе или не, неговата политичка кариера е во пад. На големо задоволство на еден многу голем дел од јавноста. Не ни треба ултранационалист, од декларативен карактер. Но затоа, не ни пречи да владеат криминалци, да се продлабочува корупцијата, непотизмот, и други пропратни компоненти на овие дејствија. И да не заборавам да ги потсетам нашите прочуени аналитичари, новинари, колумнисти, и други видни и важни јавни личности, дека е крајно време да престанат да ги мешаат Албанците со ДУИ. Ако на некого не му е јасно што сакам да кажам, еве вака, тоа е исто како да ги мешаш Македонците со СДСМ, или ВМРО-ДПМНЕ, бирајте кое повеќе не ви се допаѓа. Постои една критична маса на граѓани коишто ни под разно не сакаат да се ставаат во ист кош со една друга критична маса. Затоа, внимавајте, сите.
Сакав да напишам нешто многу позабавно, почитливо, како за пред Нова Година. Ај, можеби догодина.