„Министерството за труд и социјална политика (МТСП) презема соодветни мерки за надминување на состојбите и непречено одвивање на дејноста во јавните установи за деца, детските градинки, во делот на нивната кадровска екипираност“ – се вели во изјавата за ЦИВИЛ од ова министерство.
ЦИВИЛ побара објаснување од МТСП по денешното соопштение на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) во кое се изнесени обвиненија дека: „Изминативе денови сме сведоци дека на голем број наставници, воспитувачи и негователи со повеќегодишно работно искуство, без никаква причина не им се продолжува договорот за работа, а на нивно место се примаат нови работници кои по некои „чудни “ критериуми, без ниту еден ден работно искуство, ги пополнуваат вештачки испразнетите места.“
„Министерството за труд и социјална политика на 29.12.2017 даде согласности за продолжување на претходните согласности од 2017 година, кои важат од 01.01.2018 до 28.02.2018, со цел да нема застој во работата на градинките. Истите се доставени до градоначалниците за нивно постапување. Информираме дека министерството веќе прави детална анализа на секоја установа поединечно, што ќе резултира со трајно решавање на проблемот со кадровската екипираност во установите за деца детски градинки“ – прецизираат од Министерството.
Во изјавата од Министерството се потенцираат и наследените состојби. „Потсетуваме дека во последните 11 години системски е уривана детската заштита и е направен недостиг на кадар во градинките од повеќе од 2.000 луѓе“ – се вели во изјавата за ЦИВИЛ.
На прашањето дали се прават напори да се надмине оваа состојба, од Министерството нѐ информираат: „Како што веќе известивме, со буџетот за 2018 година обезбедивме средства за 200 нови вработувања во градинките, за зголемувањето на платите за вработените во градинките за пет отсто, како и дополнителни средства за материјални трошоци за функционирање на градинките“.
Градинките и другите јавни установи за деца и млади со години се соочуваа со недостиг од кадар, буџетски намалувања, а не ги одмина ни процесот на жестока партизација што ја наметнуваше претходната власт, за што ЦИВИЛ како организација, но и како медиумска платформа повеќе пати ја информираше јавноста. Во текот на изминатите неколку години, вработени во градиниките често се обраќаа до организацијата со информации дека се вработуваат речиси исклучиво партиски војници и послушници на претходната власт. Негрижата на претходната власт одеше паралелно со кампањите на претходната власт за зголемување на наталитетот и други популистички мерки. Во реалноста, не само што не се подобруваа состојбите во доменот на детската заштита, туку само се влошуваа.
Останува отворено прашањето – чија агенда спроведува СОНК?
Џ. Дерала