На 9-ти јуни, ќе се одржи голема еко акција насловена „Мој Охрид – чист Охрид“, со која ќе се организира чистење на крајбрежјето на градот во пресрет на туристичката сезона.
Оваа еко акција е иницијатива на Супер радио, со поддршка на локалната самоуправа, бизнис секторот, охридските медиуми, еколошките и спортските друштва од Охрид.
„Основната идеја е да се анимираат граѓаните на Охрид, посебно учениците од сите основни и средни училишта во градот за чистење на централниот дел од градот. Особен акцент ќе им се даде на плажите, каде е најголемата фреквенција на туристи во пресрет на главната туристичка сезона. Потегот од Воска до хотел „Десарет“ и плажата „Градиште“ ќе се подели во региони и ќе се чисти крајбрежниот појас, со особен акцент на најпопуларните плажи, плажите пред хотелите, се` со цел Охрид да блесне во целата своја убавина пред оваа туристичка сезона“, велат од Супер радио.
Тие додаваат дека акцијата првенствено е насочена кон најмладите, како обид за максимално кревање на нивната свесност за значењето на чистата животна средина.
„За сите учесници ќе бидат обезбедени ракавици, вреќи и превоз до оддалечените плажи“, додаваат од Супер радио.
Генералната програма за овој настан предвидува и акција за чистење на дното на езерото во крајбрежниот појас и пред најпопуларните плажи во соработка со нуркачите од Охрид.
Сите кои се заинтересирани да пријават учество, како и дополнителни информации за акцијата, можат да ги најдат тука.
А.П.