Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, говорејќи на конференцијата „Македонски переспективи: Како до Европа?“ истакна дека оваа конференција отвора можности заполитички дијалог, размена на мислења, ставови и искуства, но истовремено дека европските вреднсти можат да бидат дел од македонската иднина.
„Балкан потонат во криминал и крв. Балкан, нестабилен и расцепкан од насилство, под власт на бескрајно лакоми насилници, оаза за организиран криминал и перење пари. Балкан поделен и упропастен од етничка омраза и конфликти. Балкан, опседнат со манијакална и болна омраза против непостоечки непријатели, неповратно изгубен во иморалниот гнилеж на етно-радикализмот. Македонија, парче земја без имотен лист, приклештена во балканскиот мрак… на дното.
Другата патека, во спротивен правец, е евро-атлантска интеграција, отворени и хармонични општества, со демократски влади кои се партнери на граѓанското општество. Светлата перспектива се држави во кои институциите функционираат во служба на граѓанките и граѓаните, земји во кои владее правото и се почитуваат човековите права и слободи. По долги години назадување, насилство и деструкција, македонските перспективи се посветли и ветуваат хармонизација со европските вредности во кои достоинството на човекот е на прво место.
Мир и благосостојба на граѓанките и граѓаните, недискриминација, родова еднаквост, правда и правичност, одговорност, транспарентност, социјална и еколошка правда, заштита на ранливите категории, почитување на политичките, економските и социјалните права на сите подеднакво, обврска на работодавачите да се грижат за вработените, право на штрајк – се само дел од европските вредности кои можат да бидат дел од македонската иднина.
Предизвиците пред да зачекориме во македонската иднина со перспективи кои ветуваат пристоен живот, се големи. Наспроти комплиментите и охрабрувањето на меѓународната заедница, ние сме свесни дека реформите можат да бидат поенергични и потемелни. Свесни сме дека клучни институции, кои во претстојниот период се потребни за да обезбедат висока доверба во процесите, како ДИК, на пример, сѐ уште се соочени со последиците од коруптивното работење и длабоката партизираност. Знаеме дека клиентелизмот и корупцијата се длабоко вкоренети во македонското општество, медиумите се во лоша состојба, а етничките и верските тензии сѐ уште се најдобрите и најевтините алатки во рацете на структури кои не ги сакаат прогресот и слободата.
ЦИВИЛ во изминатиот период излезе со низа препораки за подобрување во сферата на изборниот систем, медиумски слободи и слободата на изразувањето, социјалната и еколошката правда, особено во поглед на злоупотребите во изборен контекст. Очекуваме институциите и владата да ги препрочитаат и да ги забрзаат процесите, за да не ги пропуштиме роковите и овој пат. Бидејќи можеби се последни рокови, по кои нема да добиеме нова шанса“, рече Дерала.