Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека денеска е отворена истрага, „Империја“, против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: злосторничко здружување, пштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.
Во соопштението стои дека обезбедени се доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година, осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.
„Во текот на денешниот ден од страна на ова Јавно обвинителство, во соработка со МВР, беа извршени 12 претреси и лишени се од слобода пет осомничени лица, кои во текот на денот ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка и за кои ќе бидат побарани мерки за обезбедување присуство. Во скоро време се очекува и проширување на истрагата кон нови лица и за нови кривични дела, а во насока на обезбедување на имотно – правните барања од оштетените лица и обезбедување на предметите кои потекнуваат од кривичните дела ќе бидат побарани и мерки за привремено обезбедување на имот“, стои во соопштението на СЈО.
Според Макфакс , бизнисменот Орце Камчев е еден од приведените по истрагата на СЈО, поврзана со перење пари, злоупотреба на службата и повластување на доверители, дознава „Макфакс“. Според нив меѓу уапсените е и Цветан Панделески, кој е бизнис-партнер на Камчев и татко на Дејан Панделески, кој е кумашин на поранешиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.
А. П.