Политичкиот барометар за месец ноември на грчката рејтинг агенција „Public issue“ за теми поврзани со надворешната политика дала негативни резултати за Преспанскиот договор и за Зоран Заев и Никос Коѕијас, јавува МИА.
На анкетното прашање каково мислење имаат Грците за Договорот меѓу Грција и Македонија за спорот за името, дали се за или против, 65% одговориле дека се против од кои 57% сигурно против, 8% веројатно против, 17% се за (9% сигурно за, 8% веројатно за), 13% ниту за/ниту против и 5% се без мислење.
Во однос на тоа за кого гласале на изборите во септември 2015, од гласачите на СИРИЗА 45% се против, а 31% за Договорот од Преспа, додека пак од испитаниците кои гласале за Нова демократија, 86% се против договорот, а само 6% за.
Што се однесува до Зоран Заев, 5 од 10 Грци имаат негативно мислење за македонскиот премиер.
Повеќе од половина од испитаниците, 53%, одговориле дека имаат негативно мислење за Заев, 28% позитивно, а 19% биле без мислење.
Истото прашање било поставено и за Никос Коѕијас, поранешниот шеф на грчката дипломатија. И за него преовладува негативниот став, односно 6 од 10 Грци имаат негативно, 32% позитивно мислење, а 9% немале став.
Како што јавува МИА истражувањето на јавното мислење на грчката агенција за рејтинг „Public issue“ за темите поврзани со надворешната политика, било спроведено од 6 до 16 ноември, преку телефонски интервјуа низ цела Грција, а биле анкетирани 1000 лица.
С. Т.