Од вестите и настаните во денешниот „Дневник“, издвојуваме повеќе информации што се однесуваат на бегалецот Груевски и притворените во предметите на СЈО. Исто така, информираме за активностите во граѓанското општество…
СУДЕЊЕ ВО ОТСУСТВО На поранешниот премиер Никола Груевски, кој е моментално во бегство, покрај предметите „Насилство во Центар“ и „Траекторија“, во отсуство ќе му се суди и за „Титаник“, предмет кој се однесува за изборни нерегуларности.
Бидејќи Никола Груевски е во бегство, обвинителката Лиле Стефанова побара да му се суди во отсуство, а од судот побара и да му се одреди мерка притвор. Притворот би започнал во истиот момент кога Груевски би се појавил на македонска територија.
ЖАЛБАТА НА МИЈАЛКОВ За обвинетиот поранешен началник на УБК, Сашо Мијалков, жалбата за определената мерка притвор не била стасана до второстепениот суд. Во жалбата доставена преку неговиот адвокатски тим, тој ја спори определната мерка поради повреди на кривичната постапка, погрешна примена на Кривичниот законик и погрешно утврдена фактичка состојба. Неговата одбрана бара укинување на притворот и враќање на претходно определената мерка за јавување во судот. Спорно за одбраната е што притворот му е определен без да го сослуша но и тврди дека никаде не е образложена опасноста од бегство.
ОРБАНИСТИКА Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, денеска изјави дека доколку не бил Никола Груевски многу тешко ќе ја заштителе границата од мигранти, и покрај тоа што поставиле ограда.
„Зад прогонот на поранешниот премиер стои организацијата поврзана со Џорџ Сорос. Унгарија ќе му обезбеди праведен третман на Груевски, а ние како Влада нема да се мешаме во правните процедури. Надлежните органи во Унгарија и ќе одлучат што ќе прават во врска со барањето за негова екстрадиција“, изјави Виктор Орбан.
ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев беа домаќини на Михаел Хармс, претседател на Комитетот за економска соработка во Источна Европа, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Норберт Герберих и Хелге Толксдорф од Министерството за економија и енергетика на Сојузна Република Германија. На средбата се дискутираа можностите за економска соработка, инвестиции во земјава, отворањето работни места и потребата да се сопре иселувањето на младите од земјава. Во текот на вечерта, Даниел МекКормак од истото министерството, претставници на германската амбасада и македонската влада се сретнаа со претставници на неколку македонски невладини организации и ги слушнаа нивните анализи на политичките процеси во земјата.
ЦИВИЛ ФЕСТ Продолжуваат интензивните подготовки за ЦИВИЛ ФЕСТ, мултимедијален настан посветен на активизмот за човековите права и граѓанското новинарство што ќе се одржи на 10 и 11 декември, по повод Меѓународниот ден на човековите права и 70-годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човековите права.
А. Петровска