Македонија го доби својот прв пациент кај кого беше имплантирано механичко срце. Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство, Венко Филипче, вечерва го посетија пациентот во Државната Кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, соопшти Секторот за односи со јавноста при Владата.
Тимот на врвни кардио хирурзи предводен од спец. д-р Петар Ристески, кој за оваа интервенција дојде од Универзитетската Клиника во Франкфурт, и членовите на тимот проф. д-р Сашко Јовев, д-р Стефанија Хаџиевска, д-р Марјан Шокаровски и останатите членови на кардиохируршкиот тим, денеска во Државната Кардиохирургија на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, имплантираа механичко срце кај пациентот, на возраст од 54 години, со констатирана терминална срцева слабост.
Во следните месеци и години ќе се следи неговата состојба, но стручниот лекарски тим изрази уверување дека уредот кој беше имплантиран, т.н. механичко срце ќе му даде одлични резултати на пациентот и подолг животен век.
Оваа операција, како врв во кардио-хирургијата, за прв пат е изведена во Македонија, и претставува вистинско решение за оние пациенти кои имаат терминална срцева слабост и можност да живеат нормален живот.
Операцијата поминала во најдобар ред и она што е најважно пациентот се чуствува добро, за што премиерот Заев изрази особено задоволство, и му посака што поскоро опоравување и целосно заздравување, а на лекарскиот тим им честиташе за успехот.