Денеска во светот се одбележува Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА.
Секоја година на 1 декември речиси во сите земји се одбележува со сè поголеми информативни кампањи за превентива и заштита од оваа опака болест , бидејќи за неа сеуште нема лек кој може целосно и со гаранција да ја излечи.
И покрај повеќе од триесетгодишната борба против оваа болест сидата и понатаму останува закана за човештвото.
Во Македонија годинава се регистрирани 41 лице инфицирани со ХИВ и тоа сите се од машки пол.
Во Институтот за јавно здравје повеќето од евидентираните случаи се од Скопје и се мажи кои имале секс со мажи. Најмладиот има 21 година. Ваквата состојба со инфекцијата во земјава според епидемиолозите се должи поради фокусот на тестирања кој е насочен кон лица со ризично однесување. Но, од друга страна претпоставките се дека на секој откриен, има уште еден Хив позитивен кој не знае за статусот.
На антиретровирусна терапија на Инфективна се 217 лица со ХИВ, годинава тројца пациенти ја изгубиле битката за живот.
„Во наша континуирана грижа се 225 пациенти. Неколкумина од нив се новодијагностицирани пред неколку дена“, изјави д-р Милена Стевановиќ, национален координатор за ХИВ.
Здруженијата за подршка на овие пациенти бараат во зедмјава да биде донесена посовремена терапија.
„За жал поголем дел од лековите за третман на ХИВ инфекција сè уште не се регистрирани во Република Македонија, што ги отежнува процесите на набавка, изјави Андреј Сених, Здружение за подршка на лицата кои живеат со Хив.
„Годинава Владата ги презеде финансиските обврски од Глобалниот фонд, кој со години наназад ги финансираше превентивните ХИВ програм“, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
За 31 година од првиот случај досега во Македонија се регистрирани 400 инфицирани со ХИВ вирусот, од нив 99 лица починале од СИДА.