Изборот на Младен Чадиковски за нов претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го проблематизираа неколку новинари на социјалните мрежи и во медиумите. Според толкувањето на Горан Трпеноски, новинар на интернет порталот Сакам да кажам, Чадиковски не е избран со потребното мнозинство од присутните на Изборното собрание, како што е предвидено со статутот на ЗНМ.
Младен Чадиковски беше избран со 86 гласови, пред својот противкандидат Столе Наумов, кој освои 77 гласови од 175-те присутни на Изборното собрание на ЗНМ. Според толкувањето на новинарот Трпеноски, за победа е потребно да се добие мнозинството гласови од сите присутни на Изборното собрание, а не само повеќе гласови, односно дека победникот во овој случај би требало да добие најмалку 88 гласови.
И ТВ Телма, смета дека е „симтоматично е што од вкупно 555 членови на Здружението присуствуваа само 175, а на пет дена пред изборот, беше забрането обновувањето на членството за новинарите иако такво нешто не е предвидено во Статутот. Управниот Одбор гласал по телефон за ваквата одлука на што имаше реакции дека одлуката е нелегитимна. Иако се бараше одоложување на изборното собрание, досегашниот претседател Насер Селмани тоа не го дозволи.“
Канал 5, пак, со вокабулар што, сепак, не соодветствува со размерот на проблемот, победата на Младен Чадиковски ја квалификува како „скандалозна и пирова“ и најави дека „ќе ја извести Европската Аоцијација на Новинари, за да види дали станува збор за намерна или случајна измама но и ќе ги оспори претход споменатите постапки кои се спротивни на Статутот на ЗНМ“.
Без оглед на тоа дали толкувањата на Статутот на ЗНМ се издржани или не, од експретседателот Насер Селмани се очекува да даде повеќе детали за тоа како е организирано Изборното собрание.
Џ. Дерала