На вчерашната расправа на Собраниската Комисија за уставни прашања се усвоија три од седум предложени амандмани на Предлог законот за спроведување на амандманите пд 33 до 36 на Уставот на Република Македонија.
Со десет гласа „за“ се усвои предложениот амандман од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, којшто се однесува на уставните амандмани од 33 до 36, дека не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку не се исполни обврската на Грција да го прифати Договорот од Преспа, како и да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО.
Комисијата со преформулација го прифати и амандманот што го поденсоа пратениците Зиадин Села и Сурија Рашити од Алијансата за Албанците, во кој се истакнува дека државната граница на Република Македонија е постојна граница граница со Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Србија и Република Косово, со што, според Жерновски, се прифаѓа реалноста за постоење на новиот сосед Република Косово.
Со преформулација од Комисијата со осум гласа „за“ и два „против“ беше прифатен и амандманот со кој во член 2 став 2 од Уставниот закон точката на крајот се заменува со запирка и се додаваат зборовите што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните. Со тоа, како што беше речено, се става јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија. За овој амандман беа поднесени два слични предлози, првиот предложен од претеникот Мухамед Зекири од СДСМ, а вториот од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои беа повлечени по усогласувањето на текстот на амандманот од Комисијата.
Двата амандмани поднесени од пратениците на Беса и Алијанса на Албанците со кои се бараше во документите во графата државјанство да пишува граѓани на Република Северна Македонија, наместо како што е предвидено во Уставниот закон – македонско/граѓани на Република Северна Македонија, предизвикаа голема полемика. За Фадил Зендели од Беса на тој начин се внесува етнички наместо државен концепт. Тој посочи дека суверенитетот на државата потекнува од граѓаните и државјанството им припаѓа на граѓаните. Со предложеното како што рече само се создаваат нови јазови и проблеми меѓу граѓаните. Заменик министерот Жерновски, во реплика му посочи дека неговата логика е исправна и дека откако ќе влезат уставните измени во сила во членот 4 ќе пишува граѓанин на Република Северна Македонија, но додаде дека Владата не е во можност да го прифати неговиот амандман зашто со тоа ќе направи упад во Договорот од Преспа.
Д.Т.