Во ова експлозивно мега интервју со реномираниот експерт за финансии и економија, политички аналитичар и запаметен како поранешен министер за финансии, Џевдет Хајредини, се говори најактуелните македонски теми и процеси. Според него, еден од клучните фактори за кочење на реформите и напредокот во Македонија се Али Ахмети и неговата ДУИ. Хајредини за ЦИВИЛ МЕДИА без резерви, остро, директно и прецизно ги коментира најавите за можни предвремени парламентарни избори, за проблемите поврзани со Државната комисија за спречување на корупција, спрегата меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, но и со СДСМ, за Преспанскиот договор, влијанијата и интересите на Русија и Турција.
ЦИВИЛ МЕДИА: Господин Хајредини, ние редовно се консултираме со Вас во врска со важните процеси и настани во Република Македонија и Ви благодарам што и денеска сте со нас во ЦИВИЛ. Денеска би сакале да разговараме за неколку важни прашања. Најнапред, дали Македонија може да издржи уште еден процес на предвремени парламентарни избори? Дали се подготвува системот за добар, професионален, законски спроведен процес или можеби предвремени парламентарни избори само дополнително ќе ги шокираат системот и општеството и ќе предизвикаат последици какви што не сакаме да ги видиме, особено во овој деликатен период?
ХАЈРЕДИНИ: Според моето мислење, со оваа најава, дека не се исклучува можноста да се распишат и предвремени избори, сметам дека оваа гарнитура што е на власт не може да направи поголема грешка за Македонија. Речиси две години се чекаше на тоа новата влада да почне да работи во насока на отстранување на сите наследени состојби од претходната влада на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Мислам дека сите ние што ја поддржувавме целата промена, и коишто дадовме поддршка на СДСМ и Зоран Заев, го правевме тоа со надеж дека, сепак, нема да се изгуби толку време за да започнат новите, радикални промени во Македонија.
До пред некој ден, до донесувањето на амандманите на Уставот, произлезени од спогодбата од Преспа, сите бевме со некоја задршка, чекајќи да помине сето тоа, па конечно да видиме вистински промени. Сега е апсурд да се оди на избори, во годината во која Европа очекува да се спроведат реформите во правосудството и државната администрација. Самата Влада најавува економска година. Јас лично мислам дека е апсурдно, затоа што ниту една година не треба да се прогласи за економска, бидејќи секоја година треба да биде економска, независно какви проблеми има државата. Затоа што економијата е предуслов за егзистенција на луѓето… Владата има инструменти што не се за решавање на други проблеми, туку само на економијата.
Е сега, одеднаш, да се спомнат избори, тоа значи одлагање на реформите. Какви реформи ќе направиме до јуни? И притоа знаеме што очекува европската комисија сега во реформите. Тоа значи уште една изгубена година. Така што, мислам дека и за мене, и за граѓаните, тоа е шок, да се влезе повторно во нови избори, како да е битна ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ мислам дека сега ќе мора многу повеќе да се бави со себе, повеќе од кога било досега. Заврши главната работа за која тие се држеа. Таа дефинитивно заврши за нив. Затоа сметам дека е голема грешка да се влезе во нови избори.
ЦИВИЛ МЕДИА: Како едни предвремени парламентарни избори можат да влијаат на економијата?
ХАЈРЕДИНИ: Крајно негативно! Ние сѐ уште немаме други мерки кои се услов за заживување на економијата. Знаеме дека во регионот имаме најниска стапка на економски раст. Уште се движиме со прогнози 2,5%, или 3,2% итн… А Косово, на пример, има 4,5% пораст. Албанија исто. Србија исто. Уште ни фали сега да одиме на избори и да кажуваме дека 2019 година ќе ни била економска. Крајно апсурдно, за мене тоа е крајно несфатливо.
Понатаму, во Македонија најекономска година ќе биде онаа година кога ќе се спроведат реформите во државната администрација и во правосудството. Со овие две коренити реформи, Македонија автоматски станува земја со исполнети услови да се бави со економија.
На чело на тој Комитет за реформи е Бујар Османи којшто се расфрла со изјави дека наскоро ќе бидат сите реформи, а тој и не е најдобриот избор за да биде на чело на тие процеси во Македонија и тоа премиерот многу добро го знае. Тоа е така, токму од причина што и самиот Заев него го има нотирано како носител на корупциски чекори. Сега се оди дури до таму, што е уште поапсурдно, немајќи други Албанци, затоа што другиот заменик не ни оди на работа, нели, тој зема плата и седи дома, па Бујар Османи го стави да биде координатор за изградбата на делницата на автопатот кон Косово. Како може да се објаснат овие работи?
Ако реформите во правосудството и државната администрација бидат спроведени, не може кадрите на ДУИ, најверните соработници на Никола Груевски, да останат недопрени.
ЦИВИЛ МЕДИА: Неодамна кажавте и дека Државната комисија за спречување на корупцијата во 2003 година имала три пати помал буџет од оној во 2016 година. За 2017 и 2018 година сè уште немаме комплетни податоци. Но, имате и еден коментар според кој Државната комисија за спречување на корупција имала нула ефект од своето постоење и од својата работа. ДКСК е една од поважните институции кога зборуваме за изборните процеси, а секако и за други области во општеството и во системот, особено во борбата против корупцијата. Како гледате на улогата на ДКСК и како го коментирате фактот дека речиси цела една година нема раководство, односно членови на Комисијата?
ХАЈРЕДИНИ: Јас веќе коментирав и алармирав дека изборите се невозможни без Aнтикорупциска, ни за ставот дека не сме имале Aнтикорупциска 8 или 10 месеци. Па, Македонија нема Aнтикорупциска десет години! Сериозно кажувам, нема комисија! Ние знаеме што работела таа комисија. Не работела ништо! Имале договор со некој хотел блиску до седиштето за да одат во работно време на фитнес! Понатаму, таа заврши онака како што почна, неславно и срамно!
Освен што земале плати, порастот на буџетот на комисијата од 2003 растел на 565.000 евра. Па, треба да се одговара за тоа! Не е само Комисијата одговорна за тоа. Одговорна е Владата на Република Македонија што дозволила институциите да се однесуваат така.
На Фејсбук, еден пријател, интелектуалец, кога коментирав дека ова е грабеж на парите на сиромашните граѓани на Македонија, ми се јави и ми вели, „каде има органи и институции каде што немало злоупотреби?“ Да, навистина, секаде имало. Но, токму оваа Kомисија има за задача да ги открие и да ги гони сите тие други органи и институции каде што се крадело.
ЦИВИЛ МЕДИА: Добро, зголемувањето на буџетот на Државната комисија за спречување корупција, може да значи и дека државата, односно, Владата и Парламентот сакаат сериозно да се вклучат во борбата против корупцијата. А воедно, да не заборавиме и дека ДКСК не беше сосема неактивна во времето на Груевски. Тоа е токму институцијата која даде налог да се гонат невладините организации кои не размислуваа на ист начин како режимот на Груевски. Се разбира, тоа во иронична смисла на зборот. Но дали, според Вас, ДКСК може да прерасне во институција која ќе се бори навистина решително, доследно и професионално против корупцијата во државата?
ХАЈРЕДИНИ: За жал, не може. Затоа што овие денови читам дека во обидите да се состави и да се именува нова Комисија, имало сосема разумни предлози да има три или пет члена, кои ќе бидат ефикасни, и надвор од какво било партиско влијание, но поради отпорот на ДУИ не успеале во таа намера.
Повторно партиите ќе даваат, и тоа не пет, туку седум члена, за да може Али Ахмети да ги удоми неговите кадри без никакви квалификации, за понатаму да може тие да работат според целите и намерите на лидерот на ДУИ. И сега слушам дека тоа така ќе помине во Парламентот. Значи, сѐ уште не е создадена клима и подготвеност во Македонија, не случајно, поради отпорите кон реформите што сега ќе се јават кај ДУИ.
ДУИ нема да дозволи ниту реформа на изборниот систем, ниту на државната администрација, ниту во судството, затоа што, ако не обезбедат простор тие да ги бираат кадрите коишто ќе бидат распоредени во институциите, во правосудството итн., тие нема да имаат воопшто гласови кај Албанците. Владите на Груевски и на Заев им овозможуваат на ДУИ од буџетот да си ги платат гласачите, праќајќи им на илјадници луѓе пари дома. Па потоа ќе се фалат, како што се фали сега Бујар Османи, дека ако одат на избори можат да го удвојат резултатот.
ЦИВИЛ МЕДИА: А дали можат да го удвојат резултатот?
ХАЈРЕДИНИ: Доколку Зоран Заев се однесува исто како и на локалните избори, со пари од државата да продолжи да ги плаќа нивните гласачи, што претставува феномен, непознат во светот, можат.
Значи, внимавајте, феномен! А Бујар Османи излегува и зборува за европски стандарди во државната администрација. Каков е тој европски стандард, да плаќаш пари од буџетот на луѓе кои воопшто никогаш, со години, не се јавиле на работа? Тоа е европски стандард?
Списокот од Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор продолжува и сега. Тоа е политичка корупција! Нека излезе премиерот и нека одговори на прашањето според кој закон се исплаќаат тие пари од буџетот?
ЦИВИЛ МЕДИА: Каде би можеле да се обратат гласачите Албанци во Република Македонија, да ја искажат својата политичка волја? Како да се артикулираат нивните политички очекувања?
ХАЈРЕДИНИ: Сега за сега, со ваквите коалициони партнери на ДУИ, како ВМРО-ДПМНЕ, а за жал и СДСМ, скоро е невозможно да се излезе од оваа ситуација.
ЦИВИЛ МЕДИА: Но, Вие велите, од сосема јасни причини, дека не треба да има избори. Ова воедно се совпаѓа со стравот на ДУИ од изборите, без оглед на тоа што може ДУИ да тврди во однос на прогнозирање и тоа како тие ќе излезат од таквите избори. Тоа што Вие ги аргументирате вашите ставови, исто така, против изборите, ним им оди во прилог. Што всушност може да се направи за да можат да се избегнат состојбите за кои Вие говорите, како политичката корупција, ниските стандарди во поглед на администрацијата, буџетските трошења итн.? Зарем не е подобро, сепак, да се организираат предвремени избори?
ХАЈРЕДИНИ: Па видете што е целта. Ќе се повтори ситуацијата од 2014 и 2016 година. Тие сега сакаат избори, ама ДУИ ќе рече: никакви промени во Изборниот законик, според Пржинскиот модел. Значи, ако од ДУИ не успеат да ги спречат изборите, тогаш ќе пружат жесток отпор за било каква промена на изборниот систем, затоа што тој им одговара за да ги добијат повторно тие десет пратеници.
ЦИВИЛ МЕДИА: Изборниот систем, секако, и не може да се менува на само неколку месеци пред одржување на изборите…
ХАЈРЕДИНИ: Па, само таа причина е доволна за да нема предвремени парламентарни избори. За да може да се изгради нов систем. Систем на отворени списоци итн… Не може да се дозволи Али Ахмети да има право кандидати за пратеници да прави луѓе (го цитирам него) „кои не можат да работат ни како молери“.
Мислењата на Венецијанската комисија, па и на Прибе, се дека „бомбите“ треба да се објават, па дури и приватните доколку се задира во јавниот интерес. Тоа беше насоката за излез на Македонија од кризата. Во тој случај ќе беа исчистени и ќе одеа по затвори сите тие коишто десет години ја доведуваат Македонија во оваа состојба. Тоа ќе послужеше како пример за идните политичари. Ние гледаме дека, ако се амнестираат сите тие дела, повторно ДУИ ќе пружи жесток отпор околу евентуалната трансформација на Специјалното јавно обвинителство.
Тоа е тоа што Европа го бара. А очигледно е дека ниту Заев, ниту СДСМ имаат сила да го спроведат тоа, за Македонија дефинитивно да расчисти со остатоците и валканиците кои со години ги гледаме во оваа држава.
Сите проекти каде што се одговорни кадрите на ДУИ, и ќе ви ги наредам ако сакате, не се завршени. Пет години трае реконструкцијата на театарот на Бит-пазар. Пет години! Десет анекси! Сега започна реконструкција на театарот во Тетово, а веќе се потрошени 13 милиони. Сега, таквиот кадар Заев го прави координатор за еден друг проект кој ќе чини 110 милиони евра, а тоа е автопатот. Па, таму има да се молзе со години! Овие се реалните проблеми за кои Заев треба сериозно да размисли. А не да ѝ дава 200.000 евра на Теута Арифи пред локалните избори за депонијата да ја помести за еден километар. И сето тоа од наши пари! Зошто дава пари пред избори? За таа да ги добие изборите. Седумнаесет години траеше изградбата на водоводот во Тетово. 17 години! Седумнаесет години не се спроведува Охридскиот договор! И потоа ќе речат ние сме биле за интеграција во ЕУ и НАТО.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали ова значи дека всушност сметате дека ДУИ работи за интересите на ВМРО-ДПМНЕ, а не за општиот интерес?
ХАЈРЕДИНИ: Па прво тие, после толку години, сраснаа со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, имаше време кога се надевавме дека и во ДУИ ќе дојде до диференцијација, дека оние коишто длабоко заглавиле во соработката со Груевски ќе се исчистат, затоа што и таму има луѓе што си ја гледаат својата работа… Меѓутоа, врвот, заедно со Али Ахмети ги држат како заложници на нивните политики. Вие знаете, јас тоа сум го напишал одамна, уште во Пржинските преговори, лично Ван Хауте напиша дека ДУИ работи под притисок на ВМРО-ДПМНЕ. Сум имал прилика да разговарам со него за каков притисок станува збор. Вели „ме поддржуваше долго време, па потоа Груевски побара пауза за да се консултира со Али Ахмети, а кога се врати, го промени ставот“.
ЦИВИЛ МЕДИА: Конечно, македонскиот дел од Преспанскиот договор се заокружи и исполни со гласањето во Парламентот. Какви перспективи му предвидувате на Преспанскиот договор? Дали тој ќе биде ратификуван од грчка страна и што за Македонија значи Преспанскиот договор и надминувањето на спорот со Грција?
ХАЈРЕДИНИ: Ние што повеќе паметиме и анализираме во изминативе 30 години, Македонија и македонскиот народ во својата историја, досега, максимален успех ѝ бил статусот на федерална единица во тогашна Југославија. Независна држава, суверена независна држава не била во историјата, ако се исклучи она што се занесуваше Груевски, дека сме биле независни пред 2.000 и кусур години.
Ова е првиот услов за, сепак, македонскиот народ и граѓаните да конституираат таква независна и суверена држава членка на меѓународната заедница. До овој договор, не беше сигурно дали тоа и ќе се случи. Со склучувањето на овој Договор, мислам дека нема сила која може да нѐ спречи. За среќа на Македонија и македонските граѓани е што тоа се совпадна со стратешките интереси на големите сили. И јас искрено се надевам дека нема да се јават нови пречки.
Очигледно е дека и во Грција ќе помине постапката за ратификација на Преспанскиот договор.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали притисокот во, практично, последен момент и условите што ги наметна Биљал Касами и неговиот дел од партијата Беса, ги толкувате како една нормална и секојдневна политичка активност или можеби има поширок и поинаков контекст?
ХАЈРЕДИНИ: Нема поширок, нема никаков поинаков контекст. Само ќе ве потсетам. Кога се основаа и двете партии пред две години, Беса излезе со една програмска цел – редефинирање на Македонија. Тоа редефинирање беше недефинирано. Тие воопшто не кажаа за какво редефинирање станува збор. Алијансата на Албанците на Села, излезе со став за федерализација. Сум имал прилика да разговарам со нивни луѓе уште во тоа време, велејќи им дека не треба да поставуваат апстрактни цели, затоа што тие не водат никаде.
Овие две партии не само што не направија ништо во таа смисла, туку тоа повеќе и не го спомнаа, туку чекаат на ред кај Заев да влезат, за еден или половина министер во Владата. Повеќе не спомнуваат ниту редефинирање, ниту федерализација, туку од два субјекти станаа четири.
Да бидеме начисто, Касами никогаш не рече дека ќе ги блокира амандманите, туку барањата. И на крај се сведе на тоа воопшто да не се чепкаат амандманите, со исклучок на понекој збор по предлог на Алијансата на Албанците, по што, наводно, се постигна некоја цел.
Тука се очекува Заев да тактизира. Со зборови, нешто да им даде, со некој закон и слично. Така што не гледав, ниту имаше некоја друга подлабока цел. Касами беше лут затоа што Заев се определи за другото крило. А тоа беше така од прагматични причини. Тие имаат тројца пратеници, а Касами двајца. На тоа се сведе целата работа и така и заврши на крајот.
ЦИВИЛ МЕДИА: Дали мислите дека одредени политички структури и кругови во Република Македонија работат во спрега со или во корист на руските интереси на руските агентури? Во таа смисла, дали како такви треба да ги сметаме само оние што се очигледно и декларирано застанати на страна на руските интереси, како што се Левица или Единствена Македонија, а секако и Мицкоски и неговиот дел од ВМРО-ДПМНЕ? Дали можеби е подолга листата на политички партии и политичари и дали тие, исто така, може да се најдат во кампусот на албанските политички партии и субјекти?
ХАЈРЕДИНИ: Русија, ако со овие ситни шпионски работи овде успее да направи нешто, тоа е Македонија да ја врзе со филозофијата на Србија, да не влезе во НАТО. Но таа не се ангажира толку многу. Работата е, ако успеат разузнавачките служби да направат нешто, добро, ако не, ништо, нека тераат. Не е тоа она што пишуваше Мирка Велиновска, дека Македонија е првата победа на Русија над Америка.
Тоа беа, а и сега се само занесувања. Трошат некои пари, а Русија за таа намена има пари колку сакаш. И Лавров и Путин рекоа јавно дека спорот со името, како ќе се договори, така ќе биде. Кажаа декларативно дека се против тоа Македонија да влезе во НАТО, ама само толку! Други крупни чекори да преземат за Македонија, тоа не доаѓа предвид. Затоа што Русија со Америка се пазари за други покрупни проблеми, а не за Македонија. Затоа што нема тежина. Македонија е географски внатре во НАТО, Грција, Турција, Бугарија, Романија, Молдавија, сите се таму и за Македонија тоа не менува многу.
Албанскиот народ во целина не може да биде за Русија. Тие и по историја и по култура се западно ориентирани.
ЦИВИЛ МЕДИА: Каде се тука турското влијание, односно турските интереси, мислам на Ердогановата Турција, во Македонија?
ХАЈРЕДИНИ: Мислам дека однесувањето на Турција во однос на Македонија е врзано со односите на Турција со Грција. Таа ја фаворизира Македонија.
Кај албанскиот фактор е друго. Бидејќи Турција е членка на НАТО, силна земја, нас нѐ поврзува и фактот дека мнозинството сме муслиманско население и поддршката на Турција во одредени моменти ни е потребна. Во 1997 година, кога дојде до криза во Албанија, кога можеше делови од Јужна Албанија да се одделат и да и се приклучат на Грција, премиерката на Турција, Тансу Чилер, јавно излезе и ѐ рече на Грција „ако една педа од Албанија биде доведена во прашање, ти отидоа островите од Егејско Море“.
Така што, доколку евентуално дојде до такви чувствителни моменти, Турција е на страната на Албанците во целина, и на Албанија. И Косово жестоко го поддржува, иако одржува добри односи и со Србија.
разговорот го водеше: Џабир Дерала
обработка на текст: Маја Ивановска
камера: Дехран Муратов
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Биљана Јордановска