ДКСК
Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница соопшти дека отвора нови предмети за петмина судии на кои ќе ги проверува имотните состојби преку анкетните листови кои тие ги доставиле. Станува збор за претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и поранешниот претседател на Кривичен, Владимир Панчевски, како и три судии: Софија Лаличиќ, Светлана Костова и Александра Зафировска.
Истраги ќе се водат и за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот заменик за надворешни работи, Илија Исајловски, и ексгенералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.
Собрание
Во Собранието денеска беше изгласан Законот за изменување и дополнување на Законот за огранизација и работа на органите на државната управа, по двата неуспешни обиди поради немање кворум. Според овој Закон, за кој денеска гласаа 80 пратеници, а за чие усвојување беше потребно двотретинско мнозинство, ќе се формира ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Народен Правобранител
Според Годишниот Извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2018 година, до Народниот правобранител стигнале речиси 4.500 претставки. Од нив 947 претставки се поднеле за работата на судовите. Граѓаните се жалеле и на работата на судската власт, на партиски вработувања преку наместени конкурси, несоодветни услови во затворите и домовите за деца без родители, како и незаконско постапување на полициските органи.
Според заменичката на народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа, се констатирало дека продолжува праксата на партиски реваншизам по спорведување на изборите, особено во сферата на образовнаието. Исто така, голем е бројот и на пријави за повреда на правата од работен однос. Дури 60 % од овие пријави се однесувале за наместени партиски конкурси, несоодветно распределување на работно место поради партиска припадност, како и на непродолжување на договорите за работа.
ЦИВИЛ – активности
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска на градскиот плоштад во Куманово во центарот на градот, организира јавен настан на отворено на тема „Граѓаните набљудуваат, снимаат, објавуваат“, со почеток во 18 часот.
Тимот на ЦИВИЛ ќе ги проектира досега наградените трудови на граѓанските новинари во рамките на проектот Граѓански објектив, а ќе биде достапен да одговори на прашањата на заинтересираните граѓани за проектот и за условите за учество во месечните натпреварувачки циклуси во проектот.
Хроника
За предизборните активности на кандидатите и нивните поддрувачи денешната хроника на ЦИВИЛ -Медиа констатира дека се навестува валкана кампања со ниски удари.
Конечно заврши долгонајавуваниот „децениски“ дуел меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицковски. Според коментарите на социјалните мрежи, од дуелот и двајцата лидери излегоа како победници, а обичните граѓан(к)и и понатаму остануваат губитници! И по речиси два часа разговор, на крај сите прашања останаа без одговори…
Слушнавме како Мицковски негира дека има непотизам при неговото вработување во факултетот кај што работел татко му – „Јас му помагав на татко ми и секогаш ќе му помагам… Јас таму бев избран на тајно гласање, татко ми немаше никакво влијание“… Само не слушнавме дали Мицковски бесплатно му помагал на татко му, како што „про-боно“ му помагаше на Никола Груевски…
Мицковски не ја испушти можноста да „удри ниско“ со тоа што го навреди премиерот Заев дека крадењето му е наследено и генетски од неговиот татко, кој крадел електрична енергија. На тоа Заев одговори – „Татко ми беше обвинет и се докажа на суд дека е невин“!
Се на сè, очигледно нè очекува политичка кампања со многу ниски удари.
Д.Т.