Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата, изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидимија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за коишто нема да биде доставен картон за вакцинација.
„Вакцинацијата е задолжителна. Во прво одделение нема да можат да се запишат деца кои не се вакцинирани. Закон за основно образование член 46, став 2 е јасно“, рече Бошњаковски.
Бошњаковски информира дека теренската вакцинација на Министерството за здравство се спроведува според планираната динамика и оти во тие активности има координација со Министерстовто за образование.
Тој додаде дека мора да се подигне степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да се спречи епидемијата на морбили.
„Ова се мерки коишто се спроведуваат и нема отстапување од нив“, додаде Бошњаковски.












