Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека ова лето, во јуни или јули, земјава ќе добие зелено светло за за отпочнување преговори со ЕУ.
„Преспанскиот договор и сето она што се случи во нашата земја е навистина сериозна мотивација да се случи тоа што го очекуваме, а ќе се случи добивање на датум за преговори, одлука за отпочнување на преговорите меѓу ЕУ и РСМ“, истакна Заев.
Заев додаде дека овие работи зависат и од изборите за Европскиот парламент, кои завршуваат на 26 мај, а ЕУ на 29 овој месец го лиферува и објавува извештајот, по што тој оди на усвојување во националните парламенти во земјите членки, во кои е предвидена таква процедура.
„Можно е да се случи јуни-јули, тука да се помести, но во ниту еден случај заради нас, во ниту еден случај заради кои било други причини, освен заради тоа што ова година токму сега се случуваат изборите за Европскиот парламент“, додаде Заев.
Заев истакна дека од неформалниот самит за Западен Балкан кој се одржа во Берлин се вратил како оптимист, бидејќи секоја дискусија која почнувала и завршувала со примерот за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција, преку Преспанскиот договор.
А. П.












