Образование
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата за одлуките од редовната седница на Владата, изјави дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидeмија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за коишто нема да биде доставен картон за вакцинација.
Тој додаде дека мора да се подигне степенот на имунизација на сите граѓани во Република Северна Македонија со цел да се спречи епидемијата на морбили.
Неколку недели по реакцијата на ЦИВИЛ, денеска, по долгиот молк, се огласи и Првата детска амбасада во светот Меѓаши кои го повторија ставот дека ниедно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес.
ЕУ датум
Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на новинарски прашања изјави дека ова лето, во јуни или јули, земјава ќе добие зелено светло за за отпочнување преговори со ЕУ.
Заев додаде дека овие работи зависат и од изборите за Европскиот парламент, кои завршуваат на 26 мај, а ЕУ на 29 овој месец го лиферува и објавува извештајот, по што тој оди на усвојување во националните парламенти во земјите членки, во кои е предвидена таква процедура.
Заев истакна дека од неформалниот самит за Западен Балкан кој се одржа во Берлин се вратил како оптимист, бидејќи секоја дискусија почнувала и завршувала со примерот за решавање на спорот меѓу Македонија и Грција, преку Преспанскиот договор.
Втор круг избори 2019
Професорот Блерим Река, поддржан од двете албански опозициски партии, Алијансата на Албанците и Движењето Беса, ги повика 80-те илјади гласачи кои го поддржаа во првиот круг од претседателските избори, на 5 мај да излезат масовно на гласање. Тој на Фејсбук напишал дека се држи до ветувањето дека нема да се пазари со ниту еден од кандидатите, но гласањето на вториот круг го гледа како можност Албанците да се докажат како фактор за евро-атлантскиот процес.
Од друга страна, претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски на прес конференцијата што се одржа во печатницата „Киро Дандаро“ во Битола, изјави дека в недела ќе биде исполнет потребниот цензус и дека ќе биде избран претседател на државата.
„Јас верувам дека в недела ќе биде избран претседател на државата“, додаде Деркоски.
Изборна кампања
На само два дена од завршувањето на изборната кампања, наместо остварување на очекуваното, дека кампањите на двајцата кандидати за претседател на државата ќе се заострат, дека конечно ќе излезат со конкретни предлози и решенија, и понатаму се водат донекаде и здодевни кампањи.
„Било што било во првиот круг. Мораме да сфатиме дека ова ни е единствената шанса да останеме на патот кон НАТО и ЕУ“, изјави вчера во Штип, кандидатот за претседател, Стево Пендаровски, осврнувајќи се на лошата излезност и слабиот резултат.
Пендаровски излезе сам #НаМегдан
Пендаровски излезе #НаМегдан сам, откако Силјановска Давкова ја одби поканата од иницијативата што ја поведоа дел од претставниците на Шарената револуција. Средбата се одржа во кафулето Мистер Џек во попладневните часови. ЦИВИЛ Медиа ќе ги објави сите прашања и одговори на средбата в петок наутро.
Работнички права
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека секоја фирма има право да работи за државен празник, но треба да најави во Државниот инспекторат за труд и платата на работниците треба да се зголеми за тој процент за работа на празник, по редовната седница на Економско – социјалниот совет.
Царовска појасни дека за пријави за нерегуларности има телефонски број објавен на веб страницата на Министерството за труд и социјална политика, а можат да се информираат и преку електронска пошта.
„Одиме чекор по чекор затоа што ни се потребни повеќе инспектори кои ќе бидат кредибилни и ќе се грижат да ги остварат правата на работниците. Дополнително ги поттикнувам синдикатите кои се веќе организирани во компаниите и тие во соработка со нас и со Инспекторатот за труд да ги пријавуваат прекршувањата“, изјави Царовска.
ЦИВИЛни активности
ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска ги посети општините Куманово и Липково, каде преку директна комуникација со граѓаните го претстави новиот проект Зелена иднина чија цел е да ја подобри јавната перцепција и знаењето за концептот на општество кое ги негува зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
На инфо-штандовите на ЦИВИЛ граѓаните и граѓанките на Липково и Куманово имаа можност да се запознаат со поврзаноста на овие три елементи, кои се предуслов за општество кое се стреми кон демократски вредности и напредок базиран на грижата за околината и иднината.
Истовремено во Гимназијата „Гоце Делчев“ во Куманово ЦИВИЛ одржа креативна работилница „Заедно за иста цел“ заедно со учениците од основните и средните училишта во општината. Околу 20 деца од повеќе средни и основни училишта во Куманово заеднички сликаа на теми „Човекови права и слободи“, „Мир и ненасилство“, односно сѐ што симболизира мирно и здружено решавање на конфликти преку дијалог и разбирање. Работилницата ја водеше тимот на ЦИВИЛ заедно со професорите по ликовна уметност, а беа присутни и претставници на локалната самоупрва и на Одделот за превенција на СВР Куманово.
Работилницата е дел од проектот „Заедниците против насилниот екстремизам“ што ЦИВИЛ го спроведува со поддршка од Амбасадата на САД во Скопје.
Биљана Јордановска












