ЦИВИЛ Медиа разговараше со Гоце Тодоровски, извршен директор на Центар за граѓанска иницијатива и Кристина Павловски, заменик директорка за програми на ЦГИ, за тоа колку граѓан(к)ите си ги знаат правата, како и за општествено политичките процеси и реформи во државата.
ЦИВИЛ Медиа: Кое е нивото на познавање на човековите права и слободи на вашите целни групи, во контекст на проектот? Има ли македонското општество капацитет да ги разбере и практикува вредностите што ги промовира Центарот за граѓанска иницијатива?
Ако земеме предвид дека ЦГИ работи веќе 22 години и да направиме една споредба на ситуацијата со познавањето на граѓаните за човековите права пред 20 години и ситуацијата сега, можеме да кажеме дека има подобрување, луѓето се веќе информирани за нивните права и тоа е резултат на долгогодишна работа на целата држава и на граѓанскиот сектор. Меѓутоа, во одредени сегменти, можам да кажам дека и новите генерации како сè уште да им недостига она целокупно гледиште на животот низ перспективата на човековите права. Од таа причина ние ја следиме промената кај нашите целни групи, како оние кои биле вклучени во нашите активности веќе знаат за човековите права, пробуваат да ги применуваат или да си ги бараат во различни ситуации, односно да пробаат да се вклучат во процесите на донесување на одлуки на локално ниво. Младите кои сега почнуваат да влегуваат во водите на возрасните кои треба да се вклучуваат во донесувањето на одлуки на локално ниво сè уште имаат потреба од дополнителни активности. Јас лично мислам дека нашето општество, особено младите, имаат капацитет да учат и сакаат да учат и сакаат да ја видат нашата држава да оди напред.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните препреки и слабости на системот и на општеството за зајакнување на политичката култура и граѓанска партиципација, особено на малцинствата и специфичните групи?
Кога говориме за малцинствата и специфичните групи за таа партиципативност, мислам дека е инклузивност. Инклузивноста од секој аспект. Од аспект на вклученост на специфичните групи во општеството, локалната самоуправа, државните институции, невладиниот сектор, интелектуалците… Сите ние имаме обврска да работиме на процес на инклузивност во секој аспект. Она што мислам дека година наназад го правиме е формално вклучување и поставување на луѓе на позиции само поради прикажување на бројка и мислам дека крајно време е да разбереме дека сето тоа треба да биде суштина, а не форма или проформа. Токму тој аспект мислам дека невладиниот сектор ја има улогата покрај вклученост на овие маргинилизирани специфични групи да врши притисок за секој во својот домен, во својата заедница, во својата локална самоуправа, националните институции, министерствата, за самите свеста да ја подигнат, пред сè државата и тој процес да тече по природен тек. Кога ќе ги поставиме така работите, потоа никогаш повеќе нема да се навратиме на тоа и да разговараме за работи за кои некогаш е смешно и да разговараме.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите оценки за општествено политичките процеси и реформи во Република Северна Македонија?
Република Северна Македонија помина низ еден тежок период во последните два-тринаесет години, живееше во една прилично хибридна ситуација во една, според мене, замислена демократија или подобро да речам еден режимски систем кој наметна чуден тип на практикување на „демократијата“. Во наводници, затоа што суштинската демократија не ја почувствуваа граѓаните, што се покажа со промена на власта. Она што сега се чувствува, во овие две-три години, тоа е пред сè – слободата. Слободата на изразување, можноста да секој да учествува во она што значи критика, освртнување на моментални политики и притоа најголемите реформи, за среќа или жал, оваа Влада ќе треба да ги има во наредните неколку години. Овој процес веројатно малку беше закочен овие две години пред се поради она што значеше „решавање на горчливите проблеми“ со соседите, не само проблемот со името, туку и откочувањето на многу замрзнати односи со речиси сите соседи. Оваа Влада покажа храброст и чекори кои не ги покажа за жал другите влади, а имаа можност, особено последните 10 години со претходниот режим. Оваа Влада го направи тој чекор, за сметка на тоа, направи жртва во дел од демократиските процеси, меѓутоа тоа е мала цена за она што го постигнавме. Многу од ваквите процеси, во помалите или поголемите држави, се плаќа многу поголема цена. Ние плативме една цена на жртвување на демократијата во одредени процеси, можеби на одредени неочекувани потези, меѓутоа тие се со цел на постигнување на уште повисока цел, а тоа е конечно Македонија да се постави конечно на еден нормален пат во односите со соседите и нормален процес на интеграција во ЕУ. Не го спомнувам НАТО биде очигледно тоа веќе е техничка работа на завршување на тој процес, речиси завршена работа. Мислам дека треба навистина да се пофали дека оваа гарнитура има недоследности и пропусти, не може секогаш да се наоѓа објаснувањето поради промената на името со цел да направиме подобро место за живеење во наредните децении и векови, но на некој начин мора да се разбере дека тоа бара огромна енергија и ангажман, одзема енергија за други работи, можеби некои од работите можеа паралелно да се одвиваат, меѓутоа го разбирам целиот процес, верувам дека и граѓаните го разбираат, а она што следи тоа е зацртаните реформи кои беа предвидени и најавени сега треба да се случат. Она што беше главното и најтешкото го направија идеално, како што требаше да се направи, особено во спорот го Грција и сега следи она што е можеби навидум лесно, меѓутоа е тешко, бидејќи е суштинско менување на она што значи демократски вредности. Ние треба суштински да ги менуваме работите, за жал наназад не сме го правеле тоа, многу често поради политизација односно партизација на системот, некои од нас тоа го прифатиле и го живееле, некои се бунтувале со право, меѓутоа сега е време кога граѓаните бараат многу брзо да се случи тоа и мислам дека ако тоа се направи во следните 6 години сме на добар пат, а ако не го направиле ќе изгубиме многу, особено младите кои и така заминуваат.
Ангела Петровска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Биљана Јордановска